СДСМ подготвува сценарио за бојкот на изборите?

 
СДСМ во очај, подготвува сценарио за евентуален бојкот на вториот круг на претседателските и предвремените парламентарни избори
Дека во СДСМ не е вистински поразена идејата за бојкот на избори, покажуваат последните информации од опозициската партија, каде лидерот Зоран Заев многу сериозно во потесен круг ја држи отворена можноста за евентуален бојкот на вториот круг на претседателски заедно со предвремените парламентарни избори. Наводно, веќе подолг период на “Бихачка“ се спроведува стратегијата на ширење на оптимизам дека победата е сигурна и дека рејтингот на СДСМ наводно уште сега пред почетокот на кампањата го надминал рејтингот на ВМРО ДПМНЕ. Во ширењето на ваквиот оптимизам помага личниот стратег на Радмила Шекеринска, поранешниот генерален секретар, Ѓорги Спасов, кој според нашите извори, преку агенцијата “Рејтинг“,  можно е во одреден момент да преземе ризик  и да лиферува анкета според која би било прикажано дека опозицијата е веќе во водство од неколку процентни поени во однос на ВМРО ДПМНЕ. Дека ова не е шега, потврдуваат информациите од терен, каде некои високи функционери на раководството, веќе при посета на Општинските Организации на СДСМ ги шират ваквите победнички информации.  Паралелно со ова, членот на Извршниот Одбор, Рената Тренеска Десковска, како директен преговарач за изборните правила,  е задолжена и формално правно и преку  периодични прес конференции да нотира и приговара до ДИК за наводни прекршувања на Изборниот закон од страна на власта. Настрана од ова, во рамките на плановите за претседателската кампања на Стево Пендаровски, неговиот ПР тим ќе инсистира што помалку тој и визуелно и со кадровска подршка да се врзува со СДСМ, бидејќи сите експертски проценки укажувале дека е подобро тој да се претставува како општо прифатлив граѓански кандидат за да може што е можно повеќе да се намали разликата во гласови со Ѓорге Иванов во првиот круг. Целата стратегија е замислена во првиот круг разликата што Ѓорге Иванов ќе му ја направи на Стево Пендаровски да биде претставена во јавноста како досега невидена кражба на гласови и изборен фалсификат кој ќе треба да кулминира со повлекување на претседателскиот кандидат од вториот круг на изборите и повик за бојкот на предвремените парламентарни избори на 27 април. Се уште се прави проценка колку партијата би била во кондиција да излезе на улица и преку протести да предизвика политичка криза. Се разбира, уште поголема енигма е како на оваа стратегија ќе се однесува поранешниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, кој пред да западне во анонимност порача дека се повлекува од претседателската позиција токму затоа што не успеал да ги убеди сите влијателни членови во партијата дека таканаречениот “отпор“ е единствената опција за пресметка со Никола Груевски и ова ВМРО ДПМНЕ. Уште повеќе, што ќе стане повеќе од јасно дека со ваквиот потег двоецот Заев-Шекеринска ќе сака да опстои во партијата приближувајќи се целосно до позициите на Црвенковски, што секако би претставувало обид да се добие гратис-билет за преживување во СДСМ. Од друга страна, целокупниот процес на изработка на пратеничките листи е приватизиран од Заев, Шекеринска и Спасовски, кои самите ја превземаат одговорноста за тоа кој ќе се најде на добитните позиции. Нашите извори потврдуваат дека актуелното раководство на СДСМ, преку пратеничките листи ќе се обиде двојно да се заштити. Имено, преку инсталирање на своја послушна, лојална и релативно анонимна пратеничка група, не само што ќе се осигура дека новите кандидати за пратеници безусловно ќе ги исполнуваат нивните директиви, туку и ќе се обидат да го неутрализираат и влијанието на досегашните видни пратеници кои ќе ги отстранат од Парламентот, претставувајќи ги како непопуларни. Во партијата се кријат податоците за рејтинзите на Заев и Шекеринска, кои се сериозно расклинкани од серијата скандали кои ги отвори ВМРО ДПМНЕ и не се во состојба да донесат нови-дополнителни гласови на контото на опозицијата. Ако сценариото за бојкот на вториот круг на претседателските заедно со предвремeните парламентарни избори стане реалност, тогаш ќе нема никаков сомнеж дека опозицијата нема вистинска намера да ги освојува симпатиите на гласачите, туку длабоко е навлезена во создавање на алиби за уште едниот катастрофален пораз кој неминовно следува
22.03.2014 - 12:08

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега