Царината заплени лекови, месо, модни додатоци, автоделови

 

Минатата недела и викендот, царинските службеници открија пет случаи на царинска измама и спречија повеќе обиди за шверц на разна стока, при што привремено се задржани златен и сребрен накит, девизи, фалсификати, лекови, цигари, свинско месо, текстил, модни додатоци, фотоапарати, автоделови, и  друго.   

Царинска измама
Во текот на минатата недела, царинските службеници открија 5 обиди за избегнување плаќање на увозни давачки, во износ над 810 илјади денари. 
На царинските испостави Скопје 2 и Тетово откриени се 2 случаи на избегнување плаќање увозни давачки со погрешно пријавување на потеклото на стоката. 
- во првиот случај, на царинската испостава Скопје 2, фирма од Скопје пријави за увозно царинење резервоар за ладење млеко и негови делови со потекло од Турција, при што бил приложен доказ за преференцијално потекло ЕУР1. При извршена контрола на стоката утврдено е дека предметната стока е со потекло од Италија, поради што е одбиен доказот за потекло и пресметани се дополнителни увозни давачки во износ од околу 700 илјади денари.
- во вториот случај, на царинската испостава Тетово, фирма од с. Палатица, Желино,  пријави за увозно царинење употребувани автомобилски гуми и тркала со приложување на доказ за преференцијално потекло издаден од царинската администрација на Италија. Поради сомневање во автентичноста на приложениот доказ за потекло, истиот беше испратен на дополнителна проверка кај царинската служба на Италија, од каде е добиен одговор дека доказот е автентичен но не е правилен, односно извозникот од Италија не обезбедил доказ за преференцијално потекло на производите. Врз основа на новоутврдената состојба пресметани се дополнителни увозни давачки во износ од над 31 илјада денари.

На царинската испостава Гевгелија се откриени два случаи на избегнување плаќање увозни давачки со погрешно пријавување количина во единица мера за безоловен бензин, 
- во првиот случај фирма од Скопје пријави за увозно царинење безоловен бензин 95 РОН, со количина во единица мера 131.63 МАЛ, но поради сомневање во правилното пријавување на горивото, царинските службеници побараа дополнителни докази. Од приложениот анализен сертификат утврдено е дека всушност се работи за безоловен бензин 95 РОН, со количина во единица мера 175.67 МАЛ, врз основа на што се пресметани дополнителни давачки од околу 54 илјади денари.
- во вториот случај, друга фирма од Скопје пријави за увозно царинење безоловен бензин со количина во единица мера 17.39 МАЛ. И во овој случај се побарани дополнителни докази, при што од приложениот анализен сертификат е утврдено дека се работи за безоловен бензин 95 РОН, со количина во единица мера 17.84 МАЛ. Врз основа на новоутврдената состојба утврдени се дополнителни увозни давачки во износ од околу 12 илјади денари.

На царинската испостава Кавадарци е откриен случај на избегнување плаќање увозни давачки со погрешно декларирање на стока. 
Увозник од Неготино пријави за увозно царинење пластични решетки за поден систем декларирани во тарифна ознака со стапка за царински давачки од 0% и стапка за ДДВ од 5%. Поради сомневање во правилното распоредување на стоката, побарано е мислење од Службата за царинска тарифа, од каде е потврдено дека предметната стока треба да се распореди во сосема друга тарифна ознака за која се пропишани стапка за царински давачки од 0% и стапка за ДДВ од 18%.
Врз основа на новоутврдената состојба пресметани се дополнителни увозни давачки во износ од 16 илјади денари.

Покрај тоа, при откриените царински прекршоци, привремено е задржана следната стока:

Златен и сребрен накит и девизи
- 216 грама златен и 400 грама сребрен накит се откриени во два одовоени случаи на граничниот премин Богородица.
Во првиот случај, при личен претрес на двајца македонски државјани, патници во минибус со македонски регистарски таблички, пријавен за влез во државата, во нивните џебови и околу вратовите се пронајдени 7 златни нараквици, 2 златни ѓердани и 2 пара златни обетки, со вкупна вредност од околу 290 илјади денари. 
Во вториот случај, при контрола на патните торби на македонски државјанин, патник во автобус со македонски регистарски таблички, пријавен за излез од државата, во пластична кутија се пронајдени 2 сребрени синџирчиња, 3 сребрени ѓердани и 3 сребрени нараквици. 
- 4.000 швајцарски франци и 360 евра пак се откриени при личен претрес на македонски државјанин, кој како возач на автомобил со македонски регистарски таблички се пријавил за излез од државата на граничниот премин Блаце.

Фалсификати
- 99 пара очила за сонце со ознаки на заштитени трговски марки, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на автобус со македонски регистарски таблички што сообраќал на релација Тирана - Тетово, пријавен за влез во државата на граничниот премин Ќафасан. Сомнителната стока, сопственост на возачот - македонски државјанин, била пронајдена во црна ќеса, сместена помеѓу возачкото седиште и вратата на автобусот. Покрај тоа, во ќесата биле пронајдени уште 50 пара непријавени очила. 
- 43 прекривачи со ознаки на заштитена трговска марка, откриени при контрола на стока со отекло од Србија, наменета за увозник од Скопје, пријавена за увозно царинење на царинската испостава Скопје 3. 
- 9 комплети тренерки со ознаки на заштитени трговски марки, откриени на царинската испостава Пошта Скопје, при контрола на седум пратки испратени од македонски државјани, наменети за примачи од Бразил, Чиле, Израел, Аргентина, САД Австралија и Канада. 

Текстил и модни додатоци
- 359 парчиња облека (детски блузи, хеланки, панталони, и фустани), откриени при контрола на патните торби на македонски државјанин, патник во автобус со македонски регистарски таблички, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица;
- 210 крпи, откриени при контрола на автомобил со македонски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце. Непријавената стока е пронајдена во багажниот простор на возилото; 
- 47 парчиња облека (здолништа, панталони, маици и вратоврски) откриени при контрола на автомобил со македонски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Јажинце. Непријавената стока била сокриена под седиштата и во просторот за резервното тркало на возилото; 
- 810 бисерни ѓердани и нараквици од пластика, откриени на граничниот премин Табановце автопат, при контрола на патните торби на македонски државјанин - патник во македонски автобус, пријавен за влез во државата; 
- 333 модни додатоци (накит-бижутерија, ремени, часовници и шноли), откриени при контрола на патните торби на српски државјанин, кој на скопскиот аеродром Александар Велики допатувал со лет од Брисел.

Храна и цигари
- 25 кг замрзнато свинско месо, откриено при контрола на автомобил со македонски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Стење. Непријавеното месо било сокриено во багажникот на возилото, во просторот за резервна гума.
- 6 штеки цигари МУРАТТИ Слимс и 250 грама тутун Олд Холборн без контролни маркички, откриени при контрола на автомобил со грчки регистарски таблички, управуван од грчки државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Меџитлија. Непријавената стока била сокриена под капакот на моторот, во просторот помеѓу ладилникот и браникот. 
 
Лекови
- 12 кутии цитостатици Оџалпин 100 мг/20 мл, со вредност од над 2.700 евра, откриени при контрола на автомобил со македонски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце. Непријавената стока е пронајдена во црна кеса, сместена на совозачкото седиште на возилото.

Друго

-3 дигитални фотоапарати, марка Никон Д700, Цанон 6Д и ХЕРО 3, и 7 делови за апарати (објективи Никон и статив со глава и адаптер марка Манфротто), откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на патните торби на македонски државјанин кој допатувал со лет од Љубљана;
- 174 разни автоделови (јаболчици, бендекси, лагери, прекинувачи, термостати, свеќички, дихтунзи, гумени држачи, манжетни, карики и друго), откриени на граничниот премин Табановце автопат при контрола на автобус со македонски регистарски таблички, што сообраќал на редовната линија Прага-Скопје. Непријавената стока, сопственост на возачот, македонски државјанин, била пронајдена во една патна торба и еден пакет, сместени под првите седишта  позади возачкото седиште; 
- 125,9 килограми разна непријавена стока (разредувач, кордон лента, изолир лента, камен за брусење и конец за шиење), откриени при контрола на камион со македонски регистарски таблички, натоварен со разна стока наменета за фирма увозник од Битола, пријавен за влез во државата на граничниот премин Меџитлија. Непријавената стока е пронајдена во товарниот дел на возилото, помеѓу останата легално пријавена стока.

Интегрален текст од Царинската управа на Македонија

ФОТО: Сител

најчитано сега