СМС пораките за поведението на учениците од голема помош за родителите

Интересот за користење на СМС услугата преку која родителите или старателите имаат можност еднаш неделно да добиваат известување за последните промени во образованието на нивните деца е зголемен за околу 50 отсто во изминатите четири месеци, од почетокот на активноста. За ова денеска на прес-конференција информираше министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.

- Родителите и старателите го практикуваат овој начин на информирање за состојбите на нивните деца во училиште и повеќе не се чекаат само родителските средби. Според раководствата на училиштата, тие ги интензивираат посетите и средбите со класните раководители и другите наставници, односно при секоја поважна промена остваруваат непосреден контакт за да се информираат за се што ги интересира поврзано со нивните деца - ученици, истакна министерот.

Ристовски денеска информираше и дека од 1 ноември од кога стартуваше овој процес биле вршени редовни инспекциски надзори од просветниот инспекторат. Извршени се 422 инспекциски надзори во 282 основни и 140 средни училишта. Донесени се 21 решение за отстранување недостаток по кое се поставува во рок од осум дена. По сите е постапено од страна на наставниците и нема ниту еден поднесок до суд.

Претседателот на СОНК Јаким Неделков посочи дека досега немало ниту едно судско постапување, односно решение за некој од членовите на синдикатот.

- Евентуалните недоразбирања или проблеми на терен се надминати во социјален дијалог меѓу синдикатот и МОН, но и со партнерскиот однос со државната просветна инспекција, рече Неделков, додавајќи дека со коректен и искрен однос може да има заеднички резултати, кои ќе го покажат ефектот од воведувањето на електронскиот дневник.

Информирањето на родителите за состојбата на учениците преку СМС пораки е дел од проектот „Информиран родител“. 

20.03.2014 - 14:26

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега