За 30% помалку заболени од грип

Во текот на 11. недела од 2014 година (од 10 март до 16 март), во Република Македонија се пријавени 1.749 (МБ 8,5/10.000) новозаболени од грип, што е намалување од 30,1 отсто во однос на минатата недела, соопшти Институтот за јавно здравје на Македонија.

Споредено со бројот на заболени во 11. недела од минатата сезона, се бележи намалување за 13,8 отсто, а во однос на просечниот број на заболени за оваа иста недела во изминатиот 10-годишен период, зголемувањето е за околу два пати.

Во сезоната 2013/2014, заклучно со 11. недела вкупниот број заболени од грип во државата изнесува 26.410 (МБ 128,5/10.000). Споредено со истиот период од минатата година, постои зголемување на вкупниот број на пријавени случаи за 29,7 отсто, а во однос на просекот за 10-годишниот период зголемувањето изнесува 57,3 отсто.

Во текот на 10. недела регистриран е еден смртен случај на територијата на Центарот за јавно здравје Скопје, во возрасната група лица над 65 години. Вкупниот број смртни случаи асоцирани со инфекција со вирусот на грип оваа сезона сега изнесува 11.

Дистрибуцијата на заболените од грип по месеци укажува дека во февруари пријавени се најголем број случаи со симптоми на грип - 54,5 отсто од вкупниот број на заболени во целата сезона. Во јануари регистрирани се 25,8 отсто од заболените.

Најголем број заболени во текот на оваа сезона се регистрирани на територијата на Центарот за јавно здравје Скопје – 3.815 заболени и Центарот за јавно здравје Прилеп - 3.631, а најголем морбидитет (722,1/10.000) е регистриран во ПЕ Кавадарци.

Дистрибуцијата на заболени и морбидитетот по возрасни групи во сезоната 2013/2014 покажува најголем број заболени во возрасната група од 15-64 години - 65,2 отсто, а најголем МБ (222,5/10.000) е регистриран кај децата до 4-годишна возраст. 

Во текот на 11. недела од 2014, до вирусолошката лабораторија на Институтот за јавно здравје на Македонија пристигнати се осум материјали за тестирање на грип, од кои пет биле позитивни. Детектирани се двата поттипа на инфлуенца А вирусот - А/Х1Н1 и А/Х3Н2.

Од почетокот на сезоната 2013/2014, во оваа лабораторија се пристигнати вкупно 187 хумани материјали, од кои 115 или 61,5 отсто биле позитивни на вирусот на инфлуенца.

Од позитивните, 90,4 отсто материјали се конфирмирани како инфлуенца А, а кај 9,6 отсто е докажано присуство на инфлуенца Б вирусот. Од инфлуенца А позитивните, 17,3 отсто се конфирмирани како инфлуенца А/Х1Н1, 31,8 отсто материјали се позитивни на инфлуенца А/Х3Н2, а 50,9 отсто се нетипизирани инфлуенца А вируси, стои во соопштението на Институтот за јавно здравје на Македонија.

20.03.2014 - 10:37

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа