„Македонија земја на розите“- денеска ќе се засадуваат цвекиња во Скопје

 

Под мотото „Македонија земја на цвеќето – земја на розите“ денеска ќе почне националната еколошка акција за засадување рози во Скопје.

Кампањата ќе се реализира по повод  Денот на пролетта - 21 март, а почетокот симболично ќе биде означен со засадување рози пред зградата на МРТВ од вработените на Министерството за животна средина и просторно планирање

Централната активност ќе се реализира на средишната жардиниера на булеварот „Видое Смилевски Бато“ во општина Аеродром.

Учество ќе земат националниот координатор и државен секретар во МЖСПП Соња Лепиткова, градоначалниците на Град Скопје и на општина Аеродром Коце Трајановски и Ивица Коневски, министри, претставници на бизнис заедницата, невладини организации, ученици и граѓани...

Активности ќе се спроведуваат во 50-ина општина на целата територија на Македонија, а ќе се вклучат и учениците со продажни изложби на сопствени креации на тема „Роза“. Парите собрани од изложбите ќе се употребат за купување садници за училишните дворови.

Целта на кампањата е масовно засадување рози низ градовите на целата држава. Розата е растение со исклучителна способност да ги задржи и акумулира штетните  елементи, особено тешките метали од водата, воздухот и почвата и е повеќегодишно цветно растение лесно за одгледување на различни простори. Може да живее од 20 до 30 години, цвета уште во првата година од своето садење и е расцветана 200 дена во годината.

Изборот за розата се базира на научни резултати добиени од студијата „Присуство на олово и други тешки метали во животната средина во градот Скопје“. Во рамките на истражувањата, испитувани се почвите, цветовите и листовите на розите, тревите, како и иглолисни и листопадни растенија.

Министерството за животна средина ги поканува граѓаните, институциите и општествено одговорните компании да се приклучат во пролетната национална акција и засадувајќи рози во дворовите, на балконите или во кругот на своите компании, да го дадат својот придонес за почиста и поздрва животна средина

20.03.2014 - 09:36

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега