Почнува обуката за новиот Закон за кривична постапка

Првата обука за 2014 година од циклусот напредни обуки за новиот Закон за кривична постапка, модул 1 – предистражна постапка, ќе се одржува од денеска до 22-ри овој месец во Скопје.

Целта на обуката е целосна подготовка на правосудството за примена на новиот Закон за кривичната постапка, поточно да се презентираат новите законски решенија, да се дадат практични објаснувања на позначајните законски одредби, да се истакнат спорните ситуации и да се предложат мислења за нивно решавање, како и да се унапредат практичните знаења и вештини на правосудната полиција, судиите, јавните обвинители и адвокатите за постапувањето во кривичната постапка.

Обуката, на која ќе присуствуваат 32-ца учесници, ќе биде спроведена од едукаторскиот тим во чиј состав се д-р Тодор Витларов, јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Штип, д-р Јован Илиевски, јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Зуица Наумова, судија во Апелацискиот суд Скопје, Ненад Јаниќевиќ, адвокат од Скопје, проф. д-р Гордан Калајџиев од Правниот факултет Јустинијан Први – Скопје и Гоце Бачанов, началник на Центарот за обука при Министерството за внатрешни работи.  

На отворањето воведни обраќања ќе имаат амбасадорот Ралф Брет, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот на САД во Република Македонија Пол Д. Волерс, директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска и државниот јавен обвинител Марко Зврлевски.

Обуката е  во организација на Академијата за судии и јавни обвинители, во соработка и со финансиска поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Правната канцеларија на INL при Амбасадата на САД

20.03.2014 - 09:34

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега