Одбележување на Светскиот ден на раскажувањето и на театарот за деца

 

Со читање и раскажување приказни  пред ученици од повеќе скопски училишта проектот на УСАИД насловен „Со читање до лидерство“ и Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ денеска во просториите на библиотеката ќе го одбележат Светскиот ден на раскажувањето и Меѓународниот ден на театарот за деца.

Светскиот ден на раскажувањето е глобална прослава на уметноста на усното раскажување. Се прославува секоја година на пролетната рамноденица. Темата за 2014 година е „Приказни за чудовишта и змејови".

Истиот ден, се прославува и Меѓународниот ден на театарот за деца и младинци, и по тој повод, актерите Соња Стамболџиоска и Мартин Јорданоски ќе читаат и раскажуваат приказни на тема чудовишта, змејови, ламји и џинови од богатиот опус на македонски народни приказни.

Ученици од прво до трето одделение од неколку скопски училишта заедно со нивните наставници, родители, баби и дедовци се добредојдени да се придружат на овој настан.

Проектот на УСАИД „Со читање до лидерство’’ го спроведува Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор’’ – Македонија во соработка со Бирото за развој на образованието и Државниот испитен центар. Активностите кои ќе траат до ноември, 2015 година, директно ќе опфатат 61 училиште од сите региони на државата.

Целта на проектот е да се придонесе за подобрување на јазичните и математичките вештини кај учениците од почетните одделенија, зајакнување на педагошките вештини на наставниците и подигање на свеста кај целата заедница за важноста од јазична и математичка писменост во интелектуалниот развој на децата.

Низ интересни активности со познати пејачи, актери и останати аниматори, се организираат активности за учениците, нивните родители и целата локална заедница со цел да се претстават читањето и математиката на забавен начин за учениците.

МИА

20.03.2014 - 09:21

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега