Поедноставна процедура и пократко чекање во Катастар - дигитализација на плановите до крајот на следната година

 

 

До крајот на следната година ќе бидат дигитализирани сите видови катастарски планови во Македонија. Агенцијата за катастар на недвижности ќе ја изврши дигитализацијата со цел трајно зачувување на оригиналните катастарски планови и нивно поедноставно користење. Со дигитализацијата треба да се намали периодот за решавање на предметите на граѓаните.

- Со завршувањето на овој процес хартиените катастарски планови ќе станат историја, рече денеска на прес-конференција директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славчо Трпевски.

Трпевски најави дека дигитализацијата ќе придонесе за скратување на рокот за запишување на правата на недвижностите, ќе овозможи издавање копија од катастарски планови на шалтер исто како имотни листови, како и дефинирање на стандарди за изготвување на дигитални геодетски елаборати, олеснет пристап до дигиталните катастарски планови на ниво на целата држава. Дигиталните катастарски планови ќе бидат и основа за воспоставување регистар на просторни единици, графички регистар на улици и куќни броеви и на градежно земјиште, за планирање на просторот, за воспоставување на системи за управување со кризни состојби...

Од 1.906 катастарски општини 420 се веќе дигитализирани.

Моментно Агенцијата врши одржување на 13.053 листови од катастарски планови. За секој лист од катастарскиот план постои архивски и работен оригинал на стабилна основа во добра форма или квалитет, што се изработени во системски катастарски премери започнувајќи од 1927 година. Повеќе од 86 години секојдневно се користат работните оригинали за решавање на големиот број предмети што резултира со сериозно оштетување на катастарските планови. Со дигитализацијата, според Трпевски, ќе се надминат таквите проблеми.

Со тој процес Агенцијата за катастар согласно европските регулативи ја започнува финалната фаза од проектот „Катастар на недвижности и регистрација“. Дигитализацијата се реализира преку две фази при што меѓу другото се внесуваат сите промени кои настанале од моментот на создавање на архивските оригинали до денес. На тоа работат 92 геодета преку проект на Светската банка и над 120 вработени во Катастарот.

Трпевски информира дека за ажурирање на архивските оригинали на дигиталните катастарски планови е изготвен софтвер Македит.

- Преку вака поставениот систем ќе се осигура добивање највисок степен на квалитет на податоците и ќе се овозможи интеграција на графичката база на податоци на дигиталните катастарски планови со алфа нумеричката база на податоци (Е-кат база) во една единствена централизирана база на податоци. Со тоа, Агенцијата за катастар на недвижност во Е-кат на едно место за целата територија на Република Македонија ќе добие графички приказ на катастарските парцели поврзани со податоците за сопственоста, површината, култура и класа, виканото место, прибележувањата и хипотеките, рече Трпевски.

Акцискиот план за дигитализацијата што го усвои Владата предвидува до крајот на годинава да бидат дигитализирани сите катастарски општини во надлежност на пет одделенија за катастар на недвижности. Приоритет ќе имаат урбаните средини заради воспоставувањето на катастарот на инфраструктурните објекти.

најчитано сега