Украина се откажа од улогата домаќин за Евробаскетот во 2015

Денеска Украина потврди дека се откажала од претходно добиената организација на Евробаскетот за 2015 година. Од таму велат дека ваквата одлука се должи на длабоката политичка криза во која влезе земјата, и се надеваат дека ќе бидат способни да учествуваат во изборот за домаќинлукот на веќе следното европско првенство кое е на програмата во 2017 година.

„Не можам ни да замислам како би можеле да продолжиме со подготовките за турнирот во вака тешки економски и политички услови. Оваа кризна ситуација од која дел е и Русија со својата агресија кон нас нè натера да им се посветиме на приоритетите во овој миг и да го сочуваме нашиот територијален интегритет. Сосема е јасно дека ниту временски, ниту пак финансиски можеме да постигнеме сè да биде подготвено навреме за ЕП“ - изјави директорот на Евробаскетот 2015, Маркијан Лубкивски.

Лубкивски истакна дека Украина би можела да побара од ФИБА Европа да го организира континенталниот собир две години подоцна во 2017 година, а во меѓувреме ЕП 2015 да се игра во една или во неколку европски земји.

Во моментов Франција се спомнува како најсериозен кандидат за преземање на организацијата на Евробаскетот следната година, а во игра наводно се уште и Грција, Србија, Белгија, Холандија, Германија, Хрватска, Австрија и Чешка.

Наводно не е исклучена ниту можноста турнирот да се одржи во неколку земји.

19.03.2014 - 14:33

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа