МВР ги финализира подготовките во пресрет на изборите
На работен состанок денеска министерката за вантрешни работи Гордана Јанкулоска и раководството на Одделот за обезбедување при МВР, ги финализираа подготовките во пресрет на кампањата за претстојните претседателски избори, која официјално започнува на 24 март.
Согласно уредбата за обезбедување на објекти и личности, секој потврден претседателски кандидат во кампањата, има право да добие соодветно обезбедување од страна на МВР. На кандидатите им следува лично обезбедување, а нивните тимови ќе имаат директна комуникација и соработка со сите надлежни полициски станици на подрачјето каде што ќе се одвиваат нивните активности.
Подготвени сме, нагласи Јанкулоска, да излеземе во пресрет на сите потврдени кандидати, a мерките и активностите кои ќе се применуваат ќе зависат од конкретната ситуација.
- Нашите очекувања се дека ќе нема потреба од вонредни обезбедувања или дополнителни ангажмани. Во рамки на редовното работење ќе можеме да одговориме на сите задачи кои стојат пред нас во кампањата за претседателските избори, изјави Јанкулоска, додавајќи оти во моментот кога ќе почнат парламентарните избори, МВР ќе се прилагоди на новонастанатата ситуација.
Таа информира дека актуелниот претседател на државата Ѓорге Иванов се обратил до МВР, а согласно прописите веќе има обезбедување кое доаѓа од функцијата која во моментот ја извршува, а преостанатите кандидатите телефонски побарале информација за начинот и формата за доставување барање за обезбедување.
- Веќе ја информиравме јавноста и направивме контакти и со агенциите за приватно обезбедување бидејќи партиите во многу случаи одлучуваат да ангажираат приватни агенции за обезбедување. Доколку и на овие избори некоја од партиите донесе таква одлука и тие ќе треба да комуницираат со МВР во насока на поделба на информациите за случувањата и локацијата на одржување одредени настани, рече министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа