Сидата зема замав во Македонија - 11 случаи на заболени при сексуални односи на мажи
Единаесет нови случаи на заболени од сида се регистрирани во месец јануари. Станува збор за мажи кои имале секс со мажи и најголем дел од нив се на возраст од 20 до 29 години. Најмладиот меѓу нив е тинејџер.
Само тројца од регистрираните го добиле смртоносниот вирус преку незаштитен сексуален однос со жена.
До ваквите резултати е дојдено преку направените тестирања на повеќе од 200 лица со ризично однесување. Испитувањето е направено од страна на Институтот за јавно здравје, Министерството за здравство и невладините организации ХОПС, ХЕРА и Егал.
Д-р Жарко Kараџовски, началник на одделението за сексуално преносливи болести, ХИВ и сида во Институтот за јавно здравје, потврдува дека последните 10 години бројката на мажи што се заразиле преку секс со мажи е петпати зголемена – од 10 на 51 лице. Во периодот од 1987 до 2004 биле регистрирани само 10 мажи со ХИВ/СИДА, кои вирусот го добиле преку сексуален контакт со мажи, а од 2005 до 2014 година има 51 нов случај на мажи што се заразиле преку секс со мажи.
- Зголемен е и бројот на нови случаи на ХИВ/СИДА. Ако за цели 12 месеци минатата година имавме 24 регистрирани, сега за само 2,5 месеци имаме 11 новопријавени од испитани неколку стотини лица со ризично однесување – интравенозни корисници на дроги, комерцијални сексуални работнички, мажи што имаат секс со мажи, при што од откриени 11 нови случаи на ХИВ/СИДА, сите се мажи. Првата реакција на повеќето од нив, по шокот дека тестот е позитивен, беше дека не знаеле во што се впуштаат, иако свесно го прифатиле ризикот и без кондом имале сексуален однос. Тие го знаеле ризикот, знаеле дека партнерот имал ризично однесување, но, сепак, не се штителе! Бидејќи на никого на чело не му пишува дека е заразен со ХИВ, за да се заштитиме, во секој треба да се сомневаме дека можеби е носител на вирусот, па задолжително да се практикува сексуален однос со кондом, а интравенозните зависници од дроги да користат стерилен прибор – предупредува д-р Kараџовски.
Мислев не ми треба кондом и дека тој нема СИДА
Најчестите коментари на лицата што дознале дека се заразени со ХИВ или дека се болни од СИДА биле:
„Не, ова мене не ми се случува, па имам само еден партнер. Не е можно јас да сум ХИВ-позитивен, па имав сексуален односи само неколку пати, но со исто лице… Мислев не ми треба кондом и дека тој нема СИДА“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа