Започна пријавувањето на дијаспората за гласање на претстојните парламентарни избори

 

Македонските дипломатски претставништва низ светот почнаа да ги примаат пријавите на македонските државјани за гласање на претстојните парламентарни избори.

Горан Трајков, вицеконзул во Њујорк, потсетува дека граѓаните кои веќе се пријавиле за гласање на претседателските избори, ќе треба повторно да се пријават.

- За пријавување на гласањето, потребно е граѓаните да ја пополнат пријавата за гласање, која можат да ја добијат во дипломатско-конзуларните претставништва или на интернет страницата на Државната изборна комисија, и да достават копија од нивниот македонски биометриски пасош, и од документ кој ќе покаже основ за престој во странство, како што е странска виза, зелена карта, или копија од странски пасош, доколку се и странски државјани. Овие документи потребно е да се достават до дипломатските претставништва, или преку интернет пошта до Државната изборна комисија, вели Трајков. Образецот 30 гс за гласање на предвремените парламентарни избори може да се најде на интернет страницата на ДИК - http://www.sec.mk/index.php?option=com_content&view=article&id=249:obrasci-parlamentarni-2014&catid=48&Itemid=1305&lang=mk, пренесе МИА.

За потсетување, за  гласање на претседателските избори се пријавија вкупно 8.311 македонски државјани кои живеат во странство. На парламентарните избори, дијаспората ќе избира тројца пратеници од трите изборни единици надвор од границите на Република Македонија.

Македонците од дијаспората за претседател ќе гласаат на 12 април, а парламентарните избори, и евентуалниот втор круг претседателски избори, ќе се одржат на 26 април.

18.03.2014 - 13:03

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега