ДИК на седница ќе расправа за промена на логото на еден од претседателските кандидати
Денеска во ДИК ќе биде одржана седница на која ќе се разгледува барањето на група избирачи за промена на логото на претседателскиот кандидат на ДПА Илијаз Халими. Поради отсуството на сите членови седницата која требаше да се одржи вчера е презакажана за денеска.
Изборната кампања за претседателските избори стартува во понеделник, а ДИК го утврди и редоследот на кандидатите на избирачкото ливче. Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ Ѓорге Иванов ќе биде прв на избирачкото ливче за претседателските избори на 13. април. Втор, според жребувањето што се одржа денеска во Државната изборна комисија, ќе биде кандидатот на ДПА Илијаз Халими, Стево Пендаровски од СДСМ ќе биде трет, додека кандидатот на ГРОМ Зоран Поповски ќе биде четврти.
Од денеска започнува дваесетдневниот период пред отпочнување на изборната кампања па до завршување на предвремените парламентарни избори кога не може да се исплаќаат субвенции кои не се редовни месечни исплати, да се одржуваат јавни настани за започнување изградба или пуштање во употреба на објекти со пари од Буџетот, од јавни фондови, на јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал, во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти.
Како што се наведува во Роковникот за изборни дејствија за спроведување на предвремените парламентарни избори, под забрана за одржување на јавни настани не се подразбира, особено давање на јавна изјава на носител на јавна функција или кандидат за носител на јавна функција на митинг, интервју на медиум, дебата на медиум или одговор на новинарско прашање.
Од ДИК напоменуваат дека овој рок важи и ќе се применува до изборот на претседател на државата, пратеници и изборот на Владата, согласно резултатите од изборите.
Граѓаните можат да направат јавен увид во Избирачкиот список за предвремените парламентарни избори во подрачните одделенија и месни канцеларии на ДИК. Истовремено тече рокот и за увид во Избирачкиот список и за пријавување на дијаспората за гласање или за запишување, дополнување или бришење на податоците од ИС. И овој рок истекува на 30 март.
Во теке е и собирањето потписи за предлагање на листи на кандидати за пратеници во Собранието на Република Македонија, од група избирачи, што ќе трае до 25 март. Потписи од група избирачи може да се собираат и пред овластено лице во Дипломатско конзуларните претставништва на земјава.
Листите на кандидати за пратеници овластените претставници на предлагачите до ДИК треба да ги достават најдоцна до 29 март.
Кампањата за предвремените парламентарни избори почнува на 5 април. Молк ќе има на 12 и на 13 март, пред првиот круг од претседателските избори.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа