Нова стратегија против малолетничката деликвенција во Македонија

Државниот совет за превенција од малолетничко детско престапништво, преку примена на нова методологија ќе се обиде да го ублажи, ако не и да му стави крај на проблемот со малолетничкиот криминалитет.

Ова денеска на прес-конференција го кажа министерот за правда Блерим Брџети појаснувајќи дека токму за тој проблем во 2014 година се планирани повеќе активности за да се детектираат можните фактори на ризик што доведуваат или може да доведат до појава на детско престапништво.

- Ќе се направи караван, со кој ќе бидат посетени сите општини во Македонија, каде ќе се одржат конференции на кои учество ќе имаат сите компетентни институции кои се задолжени да ги третираат проблемите на младите, истакна Беџети.

Според министерот, спроведувањето на новиот проект „Превенција од малолетничко престапништво фокусирана врз фактори на ризик“ под мотото „Заедно против детско престапништво“ ќе овозможи имплементирање на пакет од четири нови едукативни содржини.

- Државниот совет со овие активности ќе ја прекине лошата практика на возрасните да донесуваат одлуки, решенија, мислења и ставови во име на младите. Младите ќе бидат повикани самите да се соочат очи во очи со возрасните за на директен начин да ги посочат причините за појавата на детското престапништво но и за неговото решавање, рече Беџети.

Претседателот на Државниот совет за превенција од малолетничкото престапништво Миле Гиновски најави дека за две недели Советот ќе почне да го спроведува проектот, за почеток во сите  11 локални совети за превенција.

- Локалните совети за превенција се најдобри познавачи на проблемите во општините и се надеваме дека преку спроведување на програмата ќе ги добиеме очекуваните резултати, истакна Гиновски.

На новинарско прашање за вработувањето на Aлбанците во казнено поправните институции, министерот Беџети кажа дека вработувањето на албанци во континуитет се зголемува за што покажуваат и последните огласи за вработувања преку кои во затворот Идризово се примени шест работници, во затворот Скопје четворица и во затворот во Куманово тројца Aлбанци.

17.03.2014 - 14:44

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега