Асфалтиран патот од преминот Џепиште-Требиште до село Требиште

По шестмесечни интензивни работи, заврши асфалтирањето на патот од граничниот премин Џепиште-Требиште, кај Дебар, до центарот на селото Требиште, погранична област Голо Брдо.

Патот е во должина од четири километри и со претходно пуштениот асфалтен пат од македонска страна создадени се сите услови за нормално патување од двете страни на границата.

Македонците од општина Требиште се задоволни од асфалтирањето на овој пат, бидејќи велат им се подобруваат условите за живот. За нив поблиску е да патуваат до Дебар, отколку до најблискиот албански град Пешкопеја.

- Ова за нас значи многу, бидејќи поради лошата инфраструктура, одиме на пазар, по работа, трговија и лекување во Дебар,кој ни е оддалечен дваесеттина километри, додека најблизок град на албанска страна ни е Пешкопеја, оддалечен 80 километри и дотаму нема асфалтиран пат, вели жител на селото Требиште.

Тие изразуваат благодарност до Царинските управи на двете земји, на Македонија и Албанија и посебно на македонската влада, кои дозволиле машинеријата и градежниот материјал да минуваат преку овој премин, зашто инаку требало да минува преку преминот Ќафасан, а тоа значи стотина километри дополнително по лош пат.

- По барање на Генералниот директорат на царини на Република Албанија до македонската Царина, Владата на Република Македонија во октомври 2013 година донесе одлука за привремена промена на режимот на работа на граничниот премин Џепиште-Требиште, со што фирмата која доби на тендерот можеше непречено и многу побрзо да ги оставува материјалите и работите добија забрзана динамика, вели Бесник Хасани,претседател на македонското друштвото „Мост“.

Инаку, патот од селото Џепиште до преминот беше пуштен во употреба во октомври пред две години додека граничниот премин, Џепиште-Требиште пуштен е во употреба во мај 2013 година, и е наменет за локален граничен сообраќај за луѓе и возила.

17.03.2014 - 13:15

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега