Груевски: Политиката на Владата вроди со плод - странските инвестиции ја подобрија економијата

Реформите и политиката на Владата за промовирање на Македонија како поволна бизнис дестинација резултираа со конкретни инвестиции кои овозможија напредок во економијата, истакна лидерот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски во отчетот за  реализираните проекти на Владата и коалицијата во периодот од 2011-2014 година.

Странските директни инвестиции, рече Груевски, во периодот до 2013 изнесуваат 1.871 милиони евра. Извозот првпат надмина 3 милијарди евра и во 2013 изнесуваше 3.206 милиони евра.

- Околу 25 проценти од извозот се создава во новите капацитети кои се изградија во ТИРЗ и во индустриските зони, истакна Груевски.

Тој ги спомена гринфилд-инвестициите во периодот 2011-2013, на „Џонсон контролс“, „Џонсон мети“,  „Кемет електроникс“, „Кромберг и Шуберт“, „Дрекселмаер“, „Ван Хол“, „Текнохозе“, „Продис“ , „Гришко“, „Амфенол.

- И уште многу други инвестиции кои започнаа со работа или се во фаза на реализација. Истовремено економските тимови на владата се во активни прегови со уште многу други компании за чии одлуки за инвестирање оставаме тие да ја известат јавноста, рече Груевски.

Во изминатиот период, додаде Груевски, е обезбедена е и поддршка на македонските компании. Со обезбедување нови 250 милиони евра со субвенционирана камата од 5,5 проценти, е помогнато на 1.009 македонски претпријатија.

- Ја подобривме ликвидноста на приватниот сектор со целосна исплата на заостанатите обврски. Како што ветивме, кон крајот на 2012 и почетокот на 2013 исплатени се сите обврски на буџетот кон приватниот сектор во износ од 92 милиони евра и целосно е нормализирана состојбата предизвикана од кризата, рече Груевски.

Премиерот истакна дека Македонија остана земја со најниски даноци во Европа. За разлика од останатите земји кои ги зголемија даноците или воведоа нови кризни давачки во текот на должничката криза во Европа, во Македонија даноците останаа непроменети, посочи Груевски.

Македонија, оцени Груевски, има најдобра бизнис-клима во Југоисточна Европа рангирана пред 19 земји-членки на ЕУ. Според извештајот на Светската банка Дуинг бизнис 2014, рече премиерот, Македонија по четврти пат се најде меѓу топ 10 земји најголеми реформатори во светот. Со тоа, Македонија е рангирана на високото 25. место во конкуренција на 189 земји во светот, што е подобрување од 69 места во однос на 2006 кога бевме на 94 позиција, рече Груевски.

Тој потсети и дека Македонија беше рангирана на 43. место од вкупно 183 земји според Индексот на економски слободи на фондацијата Херитиџ за 2014 година, каде во споредба со 2006 година остварен е напредок од 35 места. 

-Со државен долг од 34,6 проценти од БДП, наведе Груевски, Македонија е четврта најмалку задолжена земја во Европа. - Иако многу пати слушам критики дека сме се задолжувале, дека еве само што не сме пропаднале, и што уште не, но бројките и фактите потврдени од реномирани финансиси институции покажуваат сосема друго. Со одржување умерен буџетски дефицит и внимателно земање на кредити за приоритетните инфраструктурни проекти, успеавме  Македонија да остане земја со умерено и со одржливо ниво на долг, што е значајно за перцепцијата на инвеститорите, но и за идните генерации, рече премиерот Груевски.

16.03.2014 - 15:05
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега