Груевски: Ги зголемивме пензиите, платите и социјалната помош

Од 2006 година до денес најниските пензии се зголемени за 76 отсто, а просечните пензии за 62 отсто, социјалната помош за 47 проценти, постојаната парична помош за 46 проценти, а еднократната парична помош за деца без родители и родителска грижа што по полнолетството ја напуштиле установата или згрижувачкото семејство е зголемена за девет пати и сега изнесува 180 илјади денари, потсети денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски, во отчетот за работата на македонската Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“, за  2011-2014. 

Тој истакна дека пензиите и  социјална парична помош и постојаната парична помош овој месец се дополнително зголемени за 5%. Се осврна на утврдената минимална плата, договорена првпат во независна Македонија.

- Првпат во историјата на независна Македонија, после 20 години преговори меѓу социјалните партнери, се постигна договор за утврдување минимална плата, а потоа следеше и нејзино зголемување. Законот за минимална плата започна да се применува од јануари 2012 година. Со закон се утврди право на материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата во периодот од 7 април 2000 до 31 декември 2013 година. Со ова решение ќе бидат материјално обезбедени околу 3.000 невработени лица кои останале невработени од државни фирми или, пак, фирми во доминантна државна сопственост и по 2004 година. Овие лица ќе добијат паричен надомест од најмалку 7.100 денари, односно 34 отсто од просечната плата исплатена за минатата година плус здравствено осигурување. Ова беше една голема неправда нанесена на овие наши сограѓани во периодот на транзицијата, која нашата влада најде начин да ја исправи, истакна Груевски.

Тој информораше дека со активните програми и мерки за вработување од 2007 година опфатени се вкупно 54.958 невработени лица и се постигнати  30.524 вработувања. Се осврна и на унапредената политика за децата без родители.

- Паричната помош за лице кое до 18 години било дете без родители и родителска грижа од 2006 година до денес бележи зголемување за 54 проценти. Обезбеден е паричен надомест за студирање, магистерски и докторски студии за лица кои имале статус на дете без родители или родителска грижа во износ од 9.000 денари доколку користи право на домување, или 18.000 денари доколку не користи право на домување. Овој надоместок е зголемен во текот на 2013 година и тоа на 12.000 денари доколку користи право на домување, или 24.000 денари доколку не користи право на домување, рече Груевски.

16.03.2014 - 15:00
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега