Иванов започна да го дели отчетот за неговата работа
Aктуелниот македонски претседател Ѓорге Иванов им ја презентира на граѓаните својата работа во изминативе пет години. На граѓаните со кои се сретна во многу населени места во Македонија, тој им го подели отчетот за својата работа.
ГРаѓаните кои деновиве се сретнаа со Иванов, имаат можност во отчетот да прочитаат за петгодишната работа и низата активности спроведени од претседателот во рамки на надворешната политика, Македонија како безбедна и сигурна земја, економски силна и развиена.
Во отчетот на Иванов е споменато и единството во различностите, како и изборот на Иванов секогаш да биде со народот.
Иванов беше и првиот кандидат за претседател кој излезе со својата програма, а сега е и прв претседател кој пред граѓаните дава отчет за сработеното во годините од неговиот мандат.
Претседателот Иванов во интервју за Република вели дека се одлучил да оди на директни средби со граѓаните бидејќи, како што вели, има чист образ да се појави пред секого.
-Нашите сограѓани ме избраа да ги претставувам. Да бидам нивниот глас каде и да одам. Чувствувам силна обврска во директна комуникација со нив да ги информирам за моите тековни активности и за резултатите од мојата работа. Медиумските обраќања се неопходни, но да се разговара лице в лице со обичниот граѓанин за мене е поважно. Личниот контакт е незаменлив. Тоа е мојот избор. Колку што сум обврзан да ја пренесам македонската порака по светските престолнини, толку сум обврзан да го слушам гласот на моите сограѓани, вели Иванов.
Иванов вели дека во следните пет години ја гледа Македонија со нов економскиот раст и развој, нејзина интеграција во НАТО и Европската Унија, со зголемена вработеност и повисок животен стандард.
- Клучните системи во државата, безбедносниот, образовниот, здравствениот, социјалниот, да бидат во согласност со европските стандарди, во чекор со времето кое доаѓа. Да изградиме напредна земјоделска земја, да ја градиме Македонија како земја на иновации и нови технологии. Да ја поврземе Република Македонија инфраструктурно и енергетски. Да ја продолжиме вековната традиција на соживот, почитување и прифаќање на различностите. Да ги сочуваме традиционалните семејни вредности и културни традиции. Да го подигнеме нивото на добрососедски односи. Да влеземе во нова фаза на регионална соработка, во која ќе работиме на заеднички проекти. Да ги зајакнеме односите со стратегиските партнери, да градиме нови пријателства. Да отвораме нови пазари и перспективи. Накратко кажано, да ја градиме Македонија во височини, со највисоки вредности, највисоки критериуми и највисоки стандарди, вели Иванов за Република.
Според Иванов, високиот процент на чесност кој тој го ужива кај граѓаните, (74 проценти според анкетите го сметаат за чесен човек) е признание за неговиот труд и неговата посветеност.
-На тоа не гледам како на личен капитал, повеќе ќе ме радува ако успеав да поставам еден многу важен стандард за идните вршители на оваа функција. Никој да не може да оди под овој стандард. На нашиот народ му е преку глава од политикантство, од празни ветувања, од нечесни политичари, додава претседателот на државата за Република.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа