Маларијата повторно ја нападна Албанија

 

Првпат по речиси половина век на југот на Албанија повторно се шири маларијата, јави МИА.

Директорот на албанскиот Институтот за јавно здравје, Адријан Хоџа на прес-конференција соопшти дека ситуацијата со болеста е под контрола и дека нема место за паника.

- Вкупно имаме 17 случаи, од нив 15 се идентификувани. Она што сакам да го нагласам е фактот што случаите се увезени. Од индентификуваните случаи, два се кај лица кои престојувале во Грција, најголемот број е пренесена од Екваторијална Гвинеја, додека еден случај е од Камерун, рече Хоџа

Маларијата е болест која во Албанија е искоренета пред 50 години. Последниот случај е регистриран во Тирана во 2009 година кај еден британски државјанин кој работел во Африка.