„Танец“ вечерва ќе одржи концерт во Стокхолм

 

Репрезентот на македонскиот фолклор - Ансамблот за народни песни и игри „Танец“, вечерва ќе одржи концерт во Стокхолм. Koнцертот се одржува во рамки на манифестацијата „Македонија во Шведска“, со која ќе бидат одбележани 20 години од воспоставените дипломатски односи меѓу двете држави.

На настанот ќе присуствува и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која претходно  ќе има средби со претставници на Македонскиот сојуз во Шведска и со Сирпа Ридман од продукцијата „Ридман".

„Танец“ ќе настапи во концертната сала (Консертхусет), која е дом на Кралскиот филхармониски оркестар на Стокхолм, а позната во светот по годишните церемонии на доделување на Нобеловите награди. 

Кралството Шведска е 20-та држава со која Република Македонија од своето осамостојување воспостави билатерални односи (20 декември 1993). Тие постојано се продлабочуваат, што се потврдува и со посетите на Шведска од членови на македонската Влада и на нејзиниот претседател Никола Груевски кој со тим министри минатата година имаше економска презентација во таа скандинавска земја, во која живеат околу 6.000 македонски иселеници. Неодамна во Парламентот на Шведска е формирана и Шведско-македонска група за пријателство.

И во областа на културата Македонија се претставува преку гостувања на писатели, претстави, хорови...Овој месец во Стокхолм настапија и ученици од музичкото училиште „Илија Николовски-Луј“, а секоја година Македонскиот сојуз во Шведска таму организира Денови на македонската поезија.

Кај нас шведската  култура е најдоближена преку литературата и филмот  - со делата на Стриндберг, Астрид Линдгрен, филмовите на Бергман. Двајца шведски поети се добитници на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата - Артур Лундквист во 1977 и Томас Транстромер во 2003, кој пред две години стана и нобеловец.

Минатата година Македонија се вклучи во светското одбележување на 100 години од смртта Август Стриндберг и по тој повод неговата едночинка „Пеликанот“ првпат беше преведена од шведски на македонски, албански и на турски јазик и одиграна на 21. студентски театарски фестивал „Скомрахи“ кој тематски му беше посветен на големиот шведски драматург и зачетник на модерниот театар.

На Охридско лето, пак, лани гостуваше театарот „Интима“ од Стокхолм со најпознатата драма на Стриндберг „Госпоѓица Јулија“, која и во Македонија е често изведувана, а постановката на Турскиот театар од 2009-та во режија на Александар Поповски имаше и многу награди и гостувања на фестивали.

Покрај концертот на „Танец“ во рамки на манифестацјата „Македонија во Шведска“ во 2013-та ќе има и други содржини, а меѓу нив, во втората половина од годинава, и претставување на богатото книжевно наследство на Македонија - старите словенски  ракописи. 

ФОТО: Комуникација.мк

најчитано сега