На полноќ истекува рокот за доставување на претседателските кандидатури до ДИК

Вечерва на полноќ истекува рокот политичките партии до Државната изборна комисија да ги достават кандидатурите за претседателските избори закажани за 13 април.

Кандидатите се веќе познати, актуелниот претседател Ѓорге Иванов од ВМРО-ДПМНЕ, Илијаз Халими од ДПА, Зоран Поповски од ГРОМ и Стево Пендаровски од СДСМ. 

Според информациите од ДИК, досега се доставени кандидатурите на Иванов, Поповски и на Халими. Како што најавија од СДСМ, кандидатурата на Пендаровски ќе биде поднесена денеска, а е поддржана од сите пратеници на партијата и нивните коалициски партнери.

Жрепката за утврдување на листата на кандидати за претседател ДИК ќе да ја одржи во понеделник на 17 март. Еден ден подоцна листата треба да биде објавена во Службен весник на Република Македонија. ДИК веднаш по приемот или најдоцна во рок од 48 часа на листата на кандидат утврдува дали таа е поднесена во утврдениот рок и составена во согласност со одредбите на Изборниот законик. Доколку ДИК утврди дека во листата има одредени неправилности, го повикува овластениот подносител, да ги отстрани во рок од 48 часа. Според Роковникот за изборни дејствија за претседателските избори, ако пак листата е ненавремено поднесена и не се отстранети неправилностите во рокот утврден во Изборниот законик, ДИК поднесената листа ќе ја отфрли со решение во рок од 24 часа од приемот на листите.

Денеска исто така ДИК треба да ги објави и описите на изборните единици утврдени со Изборниот законик. Комисијата денеска треба да донесе решение за утврдување на промената на описот на избирачкото место. Промената на описот на избирачкото место се врши при промена на имињата на улиците, куќните броеви и доколку се зголемува бројот на избирачи или просторната одалеченост за опеределено избирачко место. Општинските изборни комисии најдоцна до 28 март ќе ги објави на видно место описите на избирачките места.

За предвремени парламентарни избори, кои ќе се одржат на вториот круг од претседателските избори, тече рокот за увид во Избирачкиот список и за пријавување на дијаспората за гласање или за запишување, дополнување или бришење на податоците од ИС. Овој рок истекува на 30 март.   

Кампањата за претседателските избори започнува на 24 март, додека за предвремените парламентарни избори на 5 април. Молк ќе има на 12 и на 13 март, пред првиот круг од претседателските избори.

13.03.2014 - 09:09
Фото: 
либертас

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега