И Македонци ќе може да учествуваат на конкурсот “Што ви значи проширената ЕУ?”

Европската комисија денеска покрена конкурс во пишување за млади лица на возраст од 15 до 24 години од земјите-членки, но и од земјите во процесот на проширување на Европската унија, меѓу кои и Република Македонија, на тема “Што ви значи проширената ЕУ?”, јавува дописникот на МИА од Брисел.

Како што соопштија од Комисијата, наградата за победниците во две категории (од 15 до 18 години и од 19 до 24 години) ќе биде дводневна посета на Брисел и електронски читач на книги.

Според Петер Стано, портпарол на еврокомесарот за проширување, Штефан Филе, овој натпревар се организира по повод десетгодишнината од најголемото проширување на Унијата, кога во 2004 година дури 10 земји одеднаш станаа дела од “големото европско друштво”. Притоа, тој порача дека, денеска, ЕУ-перспективата е отворена и за Република Македонија, Албанија, Србија, Косово, Црна Гора и Турција.

- Овој натпревар ќе им помогне на младите лица да го споделат своето мислење за тоа што денешната ЕУ, составена од 28 земји-членки, може да научи од своето минато за да ја подобри својата иднина и што ви значи проширената ЕУ? Партиципиентите се поканети да направат напис од максимум 700 зборови или три блог-постови, а конкурсот е отворен до 11 мај 2014 година. Национални жири-комисии ќе изберат по еден напис од двете групи за понатамошно оценување од страна на меѓународно жири, ги посочи правилата, портпаролот на Филе. 

10.03.2014 - 15:26

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега