Спасов: Македонија има услови за оформување на социјалното претприемништво

Улогата на државата во функционирањето и развојот на социјалното претприемништво е многу важна и како Влада веќе направивме одредени анализи и споредби на искуства од европските земји, кои би помогнале во фазата на изработка на законска регулатива, изјави денеска министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, кој имаше свое обраќање на работилницата „Социјално претприемништво, можности и предизвици“, која се одржа во рамките на проектот Техничка поддршка на граѓанските организации – ТАКСО.

- Може да се заклучи дека социјалното претприемништво во Република Македонија може да функционира како концепт кој ги обединува желбите за решавање на социјалните проблеми, а тоа е значаен чекор во развојот на хумано и толерантно општество за поквалитетни социо-економски односи. - Со партнерски сооднос на јавниот, приватниот и невладиниот сектор може да се постигне усогласено дејствување за развој на социјалното претприемништво, рече Спасов.

Зоран Стојковски, извршен директор на Центарот за институционален развој, истакна дека од седум до 10 проценти од вработените, зависно за која држава од ЕУ станува збор се вработени во социјални претпријатија, а според него најинтересен е примерот со Велика Британија каде има над 70.000 социјални претпријатија.

- Концептот на социјално претприемништво, кој како терминологија е релативно нов во Македонија, постои со децении како активност. Социјалното претпријатие всушност го зема бизнис-моделот, економска активност и правење бизнис, но со социјална цел. Добивката не се наменува за профит односно за добивка на сопственикот, туку во основа се враќа назад во социјалното претпријатие каде што најчесто се вработени претставници на маргинализирани групи, невработени, млади, лица со хендикеп, со некаков тежок социјален статус. Најчесто се работи за лица коишто работодавачите не ги препознаваат на пазарот, односно не ги вработуваат, како што се да речеме поранешни штитеници во КП-домови или, пак, поранешни криминалци, луѓе кои злоупотребувале алкохол, дроги..., изјави Стојковски.

Работилницата „Социјално претприемништво, можности и предизвици“ е организирана во рамките на програмата „Луѓе за луѓе“ во соработка со Делегацијата на ЕУ во земјата и со претставници од пет граѓански организации кои со поддршка на проектот ТАКСО во јануари учествуваа на конференции за социјално претприемништво во Стразбур.

10.03.2014 - 12:19
Фото: 
денешен

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега