Ким Џонг Ун освои 100% од гласовите на изборите во Северна Кореја

kimjongun

Лидерот на Северна Кореја Ким Џонг-ун на вчерашните парламентарни избори освои сто проценти од гласовите во својата изборна единица, а одѕивот на изборите бил сто процентен, јавија денеска севернокорејските медиуми.

Со тоа Ким Џонг-ун, кој има серија највисоки титули во земјата, вклучувајќи ги врховен командант на вооружените сили и претседателот на Националната комисија за одбрана, сега стана и пратеник во Врховното народно собрание.

- Сите гласачи во изборната единица 111 гласаа, а сто отсто од нив гласале за Ким Џонг-ун. Тоа претставува израз на апсолутна поддршка и доверба во врховниот лидер Ким Џонг-ун, со оглед на тоа дека сите до еден повторно му изразиле лојалност, соопшти официјалната севернокорајска новинска агенција КЦНА, јави Танјуг.

Граѓаните на Северна Кореја вчера излегоа на гласачките места, за да гласаат на парламентарните избори, кои се први такви, откако во декември 2011 година, актуелниот лидер Ким Џонг-ун го наследи својот татко, Ким Џонг-ил.

Во секоја од 687-те избори единици имаше само еден кандидат, така што гласачите можеа само да напишат „да“ покрај името на кандидатот на гласачкото ливче.

Како и неговиот татко и Ким Џонг-ун беше кандидат во единицата 111, во планинскиот округ Паект. Севернокорејците на таа планина и припишуваат божествен статус, бидејќи на нејзините падини, според легендата, е роден Ким Џонг-ил.

Изборите на Врховното народно собрание се одржуваат секоја петта година, а таа институција обично заседава два пати годишно, со цел официјално да го одобри буџетот или некоја друга одлука, која ја донела владејачката Работничка партија.

10.03.2014 - 12:25

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега