ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ се во паника - затоа напаѓаат за се што се гради
Фактот дека сега се градат стратешки инфраструктурни објекти и дека се отвараат нови работни места го носи СДСМ во паника и бесознание. Немајќи за што да ја критикуваат Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ креираат манипулации, создаваат фиктивна реалност и за се што се гради напаѓаат, истакна Елена Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната прес-конференција.
-Во време на СДСМ немаше стратешки капитални инвестиции. Во време на ВМРО-ДПМНЕ има. Не само проектот за автопатот Смоквица – Демир Капија, туку и многу други, автопатот Миладиновци – Штип, Кичево – Охрид, обиколницата околу Скопје, пругата за Бугарија, гасификацијата итн. На СДСМ не им е срам тоа што тие ништо не изградиле, туку сега гледаме дека сакаат да го извалкаат и она што другите го градат. Сакаат да се заборави нивното неработење, рече Кузмановска.
Според ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ се во паника, заради тоа што знаат дека граѓаните гледаат кој гради, а кој ништо не работел.
-На реализација на овој проект веќе работат 540 лица, а распишан е и оглас за нови 350 работници. Тоа го плаши и го паничи СДСМ. Луѓето сега работат и знаат дека во време на СДСМ не работеле, рече Кузмановска.
Повторно потенцираме, додаде таа, дека за реализација на овој проект се почитуваат сите европски и македонски законски правила. Се прават месечни состаноци со претставниците на Европската комисија за текот и реализацијата на овој проект. Полугодишно ваков тип на состаноци се прават и со претставници на Европската Инвестициона Банка и ЕБРД. На овие состаноци се констатира финансиски и физички прогрес на целиот проект.
Целокупната документација и објавувањето на јавен повик за изградба на овој автопат, објасни Кузмановска, беа одобрени од страна на Европската комисија, во координација со ЕИБ и ЕБРД.
-Со отпочнување на постапката за евалуација целиот проект беше следен од набљудувачи на споменатите институции, па се до самото завршување на финалниот извештај на евалуацијата и предлогот за избор на најповолен понудувач. Овој извештај беше одобрен од страна на Европската комисија. Потоа следуваше потпишување на договор со најповолниот понудувач, рече Кузмановска, додавајќи дека при спроведување на постапката ниту една компанија не поднесе жалба.
Заради паниката, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ одат до таму што ги критикуваат и ја ставаат под прашање транспарентноста и интегритетот на многу европски институции.
-Сите надлежни државни институции ги почитуваат законите на Република Македонија и меѓународните стандарди утврдени од партнерските европски институции. Каде и како фирмата ги троши парите, дали за работници, дали за опрема, машини или градежни материјали господинот Шилегов треба да си ја праша фирмата која го добила тендерот, тендер кој е верификуван од сите релевантни европски институции. Доколку се сомнева во нивната работа, секако дека има начин тоа да го пријави до институциите, а институциите ќе си постапат, рече Кузмановска на денешната прес-конференција.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа