Извршени 18 кардиохирушки неонатални интервенции на Детска хирургија и Кардиологија

Осумнаесет кардиохирушки интервенции врз деца со срцеви проблеми од кои 14 на Клиниката за детска хирургија, а четири на Клиниката за кардиологија изминатите две недели извршиле американски кардиохирурзи предводени од светски познатиот кардиохирургот Вилијан Новик заедно со македонски доктори. Кај четирите деца со најтешка комплексна аномалија на срце, првпат во Македонија, на Клиниката за кардиологија е извршена дијагностичка катетеризација и балон дилатација на пулмоналната валвула или артерија.

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска по средбата со Новик изјави дека возраста на оперираните деца е од новородени до 12-годишна возраст, а една од интервенциите е извршена врз новороденче старо седум недели. 

- Она што особено ме радува е тоа што се повеќе се зголемува довербата во целиот овој тим кој доаѓа и ги изведува веројатно најсложените интервенции. Повеќето од нив кои се изведуваат во првата, втората сесија, а некои и во овие последни сесии на нивно доаѓање, се интервенции врз деца кои биле одбиени како многу тешки и сложени случаи од некои од центрите каде досега се вршеа овие интервенции, посочи Тодоров.

Нагласи дека Новик во последните 20 година има направено над 7.000 кардиохирушки интервенции, тој е хирург со одлично реноме, кој многу успешно го пренесува знаењето.

- Ме информираше дека нашите доктори одлично прогресираат односно со одлично темпо ги усвојуваат знаењата и вештините за да можат во рокот кој ни е определен од три години да почнат самостојно да ги изведуваат овие интервенции. Во Македонија има околу 250 деца кои се раѓаат секоја година со кардиохирушки проблеми. Од нив 100 имаат потреба од хирушка интервенција, а 60 од нив имаат потреба од хирушка интервенција во првата година, потенцира Тодоров.

Тимот американски кардиохирурзи кој ги изведува интервенциите и обуката, како што рече, наместо четири ќе доаѓа пет пати во текот на годината со што ќе се овозможи да се опфата над 90 проценти од сите случаи каде што е потребна кардиохирушка интервенција.

- Очекуваме дека оваа година бројот на испратени деца во странство за да ја добијат оваа услуга сериозно ќе се намали. Во 2012 година пред да се започне со овој проект од Фондот за здравствено осигурување за оваа намена биле исплатени околу 500.000 евра, минатата година откако го почнавме проектот исплатени се само 172.000 евра. Евидентна е сериозна заштеда на финансиски средства и се добива здравствена услуга во Македонија, истакна Тодоров.

Кардиохирургот Новик рече дека 18 интервенции кои се изведени изминатите две недели се најголем број интервенции во еден престој што досега тие го имале.

- Навистина сме среќни што можевме да згрижиме толку голем број деца. Првпат во овој наш престој интервенциите самостојно ги изведоа македонските доктори и наместо тие да ми помагаат, јас им помагав. Мислам дека навистина се прават позитивни чекори и има прогрес во овој проект, истакна Новик.

Одговарајќи на новинарско прашање Тодоров рече дека од 18 оперирани деца, две по извршената интервенција починале, а останатите се во добра здравствена состојба и дел од нив се пуштени дома.

- Двете дечиња кои починаа беа во многу тешка ситуација, едното беше со даунов синдром, а другото имаше тешка срцева мана кога процентот на смртност е многу висок. Во двете ситуации станува збор за исклучително сложени интервенции за кои сепак се нафати тимот кардиохирурзи од Америка да ги оперираат, додаде Тодоров.

Додаде дека има листа од 42 дечиња на кои треба да им биде извршена кардиохирушка интервенција, а досега се направени 67 кардиохирушки интервенции во Македонија. 

07.03.2014 - 15:30
Фото: 
денешен

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега