Секоја година 800 лица заболуваат од рак на белите дробови во Македонија

 

 

Директорот на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија проф. д-р Зоран Спировски денеска истакна дека малигните заболувања добиваат епидемиски карактер. Секоја година во Македонија има околу 800 нови пациенти со рак на белите дробови, кој е најчеста малигна болест во светот. Секоја година за еден мал процент се зголемува бројот на новозаболени пациентки со рак на дојка чиј број изнесува од 650 до 750.

- Од оваа година благодарение на разбирањето од Фондот за здравственото осигурување и Министерството за здравство се заокружи тој современ процес на лекување со имплантација на протези кај пациентки, која може да се врши уште за време на примарната операција или подоцна по завршениот комплетен третман, посочи Спировски.

Тој нагласи дека Клиниката е подготвена на сите нивоа да им помогне на пациентите кои доаѓаат.

Пациентките на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија денеска ги посетија членови на првото антиканцер здружение „Животна искра“, по повод Неделата на борба против ракот, а во пресрет на денот на жената 8-ми Март. Од „Животна искра“ ги посетија и пациентките на клиниките за дигестивна хирургија и за радиотерапија и онкологија.

Претседателот на „Животна искра“, Виолета Томовска изјави дека 21 година по ред ги посетуваат пациентките на тие клиники по повод Неделата на борба против ракот, а во пресрет на денот на жената 8-ми Март.

- Среќни сме што можеме да им подадеме рака на жените кои имаат здравствени проблеми, но и на здравите жени кои треба што повеќе да мислат на своето здравје, посочи Томовска.

Пушењето е најчест причинител за рак, а останатите ризични фактори за појава на болеста се алкохолот, физичката неактивност, дебелината, слаба консумација на зеленчук и овошје, загадувањето на животната средина, ХПВ и хепатитис Б вирусите, арсенот во водата, афлатоксините во храната итн.

 

06.03.2014 - 13:10
Фото: 
дневник

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега