Стевчо Јакимовски: Конгресот на СДСМ наликуваше на последниот Конгрес на СКЈ

Press24:Се чини дека од вчера почна жестоката кампања. СДСМ  ве обвини дека сте го приватизирале општинскиот весник, користејќи го за партиски цели, а вие не им останавте должен.

Стевчо Јакимовски: Ние во ГРОМ одлучивме овие избори да одиме со позитивна кампања. Не сакаме никого да напаѓаме, ни СДСМ . Целата јавност е сведок дека најотоворено им понудивме коалиција,да не се мачат да  бараат претседателски кандидат и да го убедуваат Стево Пендаровски. Наместо тоа,  им понудивме да го поддржат господин Зоран Поповски и да направиме победничка коалиција. Да беа паметни, требаше веднаш да прифатат и претседателска и парламентарна коалиција.

 

Press24:Наместо тоа СДСМ ве парати да одите кај ВМРО-ДПМНЕ. Како го сфативте тоа?

Стевчо Јакимовски: Па ако сакаме да одиме кај ВМРО-ДПМНЕ , за тоа не треба они да ни бидат курир. Јас ви гарантирам дека СДСМ ја направија клучната грешка во оваа кампања, со тоа што не ја прифатија нашата подадена рака. Очигледно деа се уште гневот им е сојузник, а кога гневот е сојузник тогаш не можат да видат од носот подалеку.

Press24: Тие ве обвинија дека и предвреме сте ја почнале изборната кампања.

Стевчо Јакимовски:  Не можам да им се изначудам. Наместо да бараат сојузници во политичките партии, тие бараат непријатели, и притоа, ем ги бараат ем плачат.. До вчера плачеа од ВМРО-ДПМНЕ, а сега почнаа да плачат и од ГРОМ. Не е ли срамота? Искрено ги замолувам да престанат со плачењето оти во спротивно создават перцепција дека се брод кој што тоне. Од брод кој тоне се слуша само лелк и плач. Кого они мислат да врзат со солзи и лелекање?

 

Press24: А зошто пак вие се грижите за СДСМ?

Стевчо Јакимовски: Многу едноставно. Нам на ГРОМ не ни одговара потонат СДСМ. Напротив. Ако СДСМ биде појак тогаш и „цената“ на ГРОМ  ќе биде повисока. Тоа во пракса значи дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе бидат многу блиску со рејтингот, а со тоа и ГРОМ ќе котира повисоко.

Press24: Зарем Зев не го знае ова, па Вие треба да го потсетите?

Стевчо Јакимовски:  Очигледно не! Јас мислам дека СДСМ треба сега да се труди да го достигне ВМРО-ДПМНЕ, а не ГРОМ, иако Граѓанската опција за Македонија и тоа како е политичка реалност. За тоа говори фактот што ние веќе имаме над 22.000 членови, и дека за само еден ден успеавме да собереме над 10.000 потписи за претседателскиот кандиат на ГРОМ. Ние како партија од центарот постоиме само пет и пол месеци, а веќе играме  во „Лигата на шампиони“. Рејтинг листите што се прават тоа го покажаа и веќе тоа се потврдува.

Press24: На конгресот во Александар Палас СДСМ излезе со единствен кандидат Стево Пендаровски.Што мислите за овој предлог?

Стевчо Јакимовски: Конгресот на СДСМ вчера по многу нешта наликуваше на XIV Конгрес на СКЈ во Сава центар. СДСМ во Александар Палас – СКЈ во Сава Центар. Тоа беше последниот конгрес на Сојузот на Комунистите на Југославија, по што Комунистичката партија се распадна, а како тргнала работава и СДСМ оди натаму.

Press24: На што го темелите ова тврдење?

Стевчо Јакимовски: Битката за тоа кој ќе биде на пратеничките листи ќе го распадне Социјалдемократскиот сојуз. Заев и Шеќеринска ќе се обидат да ги ликвидираат луѓето на Бранко Црвенковски, а тие, нормално, нема да седат со скрстени раце. Ако пак актуелното раководство не го направи тоа не ќе може да командуваат со партијата бидејќи сопките од Бранко Црвенковски ќе бидат во континуитет. Што би рекол Манасиевски работата им е „ни змија ни магаре“.

Press24: Зашто сепак ништо не коментирате за Стево пендаровски?

 

Стевчо Јакимовски: Немам што посебно да кажам. Едвај го убедија од неговата СДСМ да ја прифати кандидатурата за претседател,  зашто човекот се плаши од овие избори дека ќе излезе губитник што е реалност.

05.03.2014 - 23:00

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега