Македонија, Турција, Црна Гора и Србија покренуваат иницијатива за присуство на самитите на ЕС

Република Македонија, Црна Гора и Србија, предводени од ветеранот во евроинтеграциите Турција, покренуваат иницијатива за присуство на самитите на Европскиот совет и состаноците на Советот на Европската унија во својство на набљудувачи.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, според оваа иницијатива, за која засега само се разговара и се опипува пулсот на земјите-членки, шефовите на државите и владите и министрите за надворешни работи на овие земји-кандидати, сакаат со присуство на овие најважни средби на ниво на Унијата, да почувствуваат како функционира ЕУ и најдобро да се подготват за идното учество во дебатите кога ќе станат членки, а ја потврдува и Ѓул Бујукершен Орал, прв советник во Постојаната Мисија на Турција при ЕУ, задолжен за политички прашања и Западен Балкан.

- Желбата на земјите-кандидати да присуствуваат на Самитите на ЕУ и на состаноците на Советот на Унијата во својство на набљудувачи е само прелиминарна идеја и нема официјална позадина. Да речеме дека тоа е само неформална размена на мислења меѓу колегите. Но, кога иницијативата ќе созрее, ние со задоволство тоа ќе го објавиме, посочува првиот советник на турскиот амбасадор при ЕУ.

Присуството на земји-кандидати кои се пред преговори или веќе преговараат за членство во Унијата на самитите на Советот би бил новина во досегашното функционирање на ЕУ. Досега, само земјите кои ги имаа завршено преговорите и потпишано договор за пристапување, како што лани беше случајот со Хрватска, имаа право да присуствуваат во својство на набљудувачи на состаноците на највисоките тела на Унијата.

 

05.03.2014 - 10:45
Фото: 
Журнал.мк

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа