Ставрески: Владата го продолжи рокот - за „Купи куќа, купи стан“ ќе се аплицира до крајот на годината
Владата го продолжи рокот за поднесување барања за проектот „Купи куќа, купи стан“. За оваа година ќе се објави уште еден повик во рамки на кој заинтересираните ќе може да аплицираат до 31 декември, најавува вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во интервју за МИА.
- Досега 121 семејство доби свој дом благодарение на овој проект и уште 20 апликации се во завршна процедура. Владата објави уште еден јавен повик во рамки на кој граѓаните може да поднесуваат барања до 31 декември годинава. Освен тоа, овој проект даде поддршка за градежништвото и ја поттикна и кредитната активност на банките. Околу 4 милиони евра станбени кредити се доделени преку овој проект, од кои 703.000 евра субвенционираше државата, вели министерот во интервјуто.
Ставрески информира дека најмногу одобрени апликации има во Скопје, потоа во Битола, Струмица, Кичево и Куманово, а дека граѓаните повеќе го избираат моделот „половина рата“.
Засега, истакнува, многу повеќе апликации се за купување стан, отколку за куќа. Меѓутоа по зголемувањето на субвенцијата за изградба или надградба на куќа од 50% на 75%, расте интересот и за оваа опција.
Во интервјуто напоменува дека граѓаните може да искористат и некој од плацевите што ги нудат општините како што се Бутел каде има 150 парцели за индивидуални куќи, Хиподром 300, Прилеп 354, потоа Илинден, Сопиште...
Според министерот проектот е одлична можност за граѓаните да го решат животното прашање со поддршка од Владата преку субвенција која достигнува и до 15.000 евра.
Проектот почна да се реализира во јануари минатата година. Барањата се поднесуваат во една од банките учеснички во проектот, за една од двете варијанти „Половина рата’ или „Половина учество“.
МИА