Собранието денеска ќе се самораспушти

Македонското Собрание денеска ќе ја одржи 87. седница, на чиј дневен ред е Предлог-одлуката за распуштање на актуелниот собраниски состав.

Иницијативата за распуштање на Собранието во саботата ја поднесе Демократската унија за интеграција (ДУИ), откако не беше исполнето нивното барање за консензуален кандидат за претседател на државата.

ВМРО-ДПМНЕ во саботата прифати одржување на предвремени парламентарни избори на 27. април, на вториот круг од претседателските избори. Лидерот на партијата Никола Груевски го соопшти ставот на ВМРО-ДПМНЕ на Конвенцијата за избор на кандидат за претседател. СДСМ  и НСДП исто така ја прифатија иницијативата на ДУИ.

Според Уставот, Собранието се распушта ако за тоа се изјаснат мнозинството од вкупниот број пратеници.

ДУИ како причина за иницијативата за предвремени парламентарни избори го наведе неприфаѓањето на нивниот предлог за консензуален претседателски кандидат, но од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека причината за иницијативата на ДУИ е барањето да добие едно од трите ракводни места во државата.

- ВМРО-ДПМНЕ не подлегнува на уцени и закани. Веќе е јасно зошто бараат консензуален кандидат, за да не го добијат, и, како што отворено најавија, да одат на обид за пропаѓање на претседателските избори, а потоа да извршат притисок за промена на Уставот со цел партиите, а не граѓаните да го бираат претседателот на државата. Но, тоа не е крајната цел. Крајната цел е претпоставката дека ако ВМРО нема 62 пратеници по парламентарните избори да условат со барање за еден од тројцата – премиер, претседател на Собрание или претседател на држава да биде предложен од редовите на ДУИ, рече Груевски на Конвенцијата за избор на претседателски кандидат.

Од опозициската СДСМ побараа Владата веднаш да предложи измени на Изборниот законик кој не предвидува решенија за совпаѓање на парламентарните со вториот круг претседателски избори, да се реши проблемот со двата различни рокови за заклучување на избирачкиот список, со почитувањето на роковите за предизборна кампања, како и со медиумското претставување. 

05.03.2014 - 08:26

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега