Ако Јанукович е во Русија, Украина ќе бара негова екстрадиција
Директорот на украинската Служба за безбедност денеска побара од Русија да го екстрадира во Украина сменетиот претседател Виктор Јанукович.
Тој на прес-конференција во Киев побара од руските колеги да ја обноват соработката „посебно во врска со итна екстрадиција во Украина на нејзиниот поранешен претседател Виктор Јанукович“.
Рускиот претседател Владимир Путин претходно денеска изјави дека укринскиот Парламент е легитимен, но не е и вршителот на должност шеф на државата и дека единствен легитимен претседател и натаму е Јанукович, иако „тој нема политичка иднина“.
Јанукович, според Путин, ги исполнил сите услови од договорот постигнат на 21 февруари со претставниците на опозицијата и буквално ја предал целата власт и се согласил со сите барања на опозицијата, вклучувајќи и одржување вонредни избори и враќањето на Уставот од 2004 година.
Коментирајќи ги наводите дека Јанукович наводно починал од срцев удар, Путин одговори дека пред два дена разговарал со него и дека сменетиот украински лидер е „жив и здрав“.
Рускиот претседател нагласи дека Москва нема да ги признае резултатите од изборите во Украина доколку гласањето се одржи во „сегашната атмосфера на терор“, оценувајќи дека промената на власта веројатно била потребна, но мора да се спроведе согласно Уставот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа