Приказна која ќе ве освои- "ќерко најубава си одвнатре"
Кели Фланаган на својот блог објави писмо со кое се обидува на својата ќерка да и’ објасни што значи да се биде убава, како и да ја предупреди на тоа дека рекламите за шминка се невистинити и поразувачки за паметните личности.
Неговата ќерка има само четири години, не знае да чита, но тој всушност им се обраќа на сите девојки и жени:
“Драга моја малечка,
Додека ова ти го пишувам, седам во одделот во кој се продава шминка во една локална продавница. Неодамна еден пријател ми испрати порака додека и тој се наоѓал на слично место и се чувствувал како да е на најсуровото место на светот. Се обидував да го разберам. Сега, кога седам овде, почнувам да се согласувам со него. Зборовите имаат моќ, а зборовите кои се на полиците со шминка гледам дека се многу моќни. Зборовите и фразите како:
Достапно, преубаво, безгрешно, беспрекорна завршница, сјајна сила, течна моќ, изберете природно, им пркоси на годините, моментално го враќа времето, изберете го својот сон, речиси гола, природна убавина…
Кога ќе станеш родител на девојка, сфаќаш дека таа е јака колку и сите околу неа, таа е силата на која треба да се смета, огнена душа со исти желби и страсти какви има секој друг. Но, додека седам во одделот на продавницата во кој се продава шминка, сфаќам дека со повеќето не ќе е така. Ќе видат дека убавото лице и тело се за уживање. Ќе и’ речат дека мора да изгледа на одреден начин за да вреди и да биде влијателна.
Но, зборовите имаат моќ и можеби, само можеби, зборовите на таткото може да се натпреваруваат со зборовите на светот. Можеби татковите зборови може да му помогнат на девојченцето да ја претвори шлаканицата на институционалниот срам во силно чувство за сопствената вредност и убавина.
Татковите зборови не се некои други зборови, но имаат различно значење:
Сјајна моќ. Нека твојата снага не биде во ноктите, туку во срцето. Сфати која си, а потоа ќе можеш успешно да се пробиваш низ животот. Избери си свој сон, но тој сон нека не доаѓа од полиците со шминка. Пронајди тивко место во себеси и тука засади ги вистинските соништа. Откриј што сакаш на овој свет, а кога ќе избереш продолжи со тоа, со интегритет и со надеж. Гола. Светот сака да се разголиш. Меѓутоа, ти симни ги ракавиците. Кажи што ти лежи на срце. Биди ранлива. Ризикувај. Сакај ги сите кои самите едвај знаат што е тоа љубов. Прави го тоа соголено. Отворено. Раскалашно. Безгрешно.
Биди секогаш свесна за една работа – безгрешноста не постои. Тоа е илузија која ја создале луѓето кои се заинтересирани за твојот паричник. Ако избереш да трагаш по совршенството, биди непогрешливо благодарна поради тоа која си и поради сите кои те опкружуваат. Пркоси им на годините. Твојата кожа ќе се збрчка, младоста ќе исчезне, но твојата душа вечно ќе остане млада. Секогаш ќе знаеш како да се игра, да се ужива и како да се лудува во овој живот во кој имаме само една прилика. Пркоси му на стареењето на твојот дух.
Беспрекорна звршница. Крајот нема никаква врска со тоа како денес изгледаме, но има врска со тоа каков е нашиот живот. Затоа, нека годините на животот бидат подготовка за денот кога ќе дојде крајот. Остарувај грациозно, расти мудро, сакај толку за со љубовта да ги опфатиш сите луѓе. Нека твојата беспрекорна завршница биде спокојна прегратка на крајот и патот кон непознатото, а твојот живот подарок на секој на кој си му во срцето.
Малечка, ти сакаш се’ што е розево и украсено и сигурен сум дека еден ден и самата ќе сфатиш дали шминката навистина е важна. Сепак, се молам еден збор да ти стане важен – последниот збор кој го изговораш пред спиење, кога те прашувам – каде си најубава. Зборот кој е толку сјаен, што ниту еден коректор не би можел да го скрие.
Кај си најубава? Внатре.
Од моето срце до твоето, Тато“
Извор: Попара
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа