Путин: Војниците што учествуваат во воени вежби да се вратат во своите бази

Претседателот на Русија Владимир Путин или врховниот командант на вооружените сили на Руската федерација, денеска заповеда на војниците што учествуваат во воените вежби, да се вратат во своите бази, соопшти во Москва портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков, јави ИТАР-ТАСС.

Според Песков, ваквата одлука на Путин следи откако тој добил извештај за успешно спроведување на вежбите.

Вчера во придружба со министерот за одбрана Сергеј Шојгу, претседателот Путин присуствуваше на воена вежба на која можеа да се видат руски тенкови и оклопни возила кои дефилираа на полигон Кириловски во градот Вјборг на границата меѓу Русија и Финска.

Истовремено, армијата на Русија демантираше дека воената вежба била поврзана со случувањата во Крим. Цел на воената вежба беше тестирање на воената погдотвеност на руските оружени сили во западните и централните делови од државата.

Вонредната седница на Советот за безбедност на Обединетите нации посветена на кризата во Украина, трета во изминатите четири дена, заврши без конкретни резултати, одразувајќи ја длабоката поделеност меѓу САД и другите западни земји од една страна и Русија од друга страна.

Рускиот амбасадор во ОН, Виталиј Чуркин на седницата изјави дека соборениот претседател Виктор Јанукович официјално побарал од претседателот на Русија, Владимир Путин да ги распореди руските сили со цел повторно да се воспостават редот и законот во Украина.

Чуркин прецизираше дека Јанукович на Путин му испратил писмо со тоа барање. - Под влијание на западните земји, се случуваат отворени акции на терор и насилство. Луѓето се прогонувани поради јазикот и од политички причини, го цитираше Чуркин писмото на Јанукович до Путин.

Во писмото се наведува дека од претходно наведените причини Јанукович одлучил да побара од Путин да „ги употреби вооружените сили на Руската федерација заради воспоставување мир, закон, ред и стабилост и заради одбрана на украинскиот народ“.

Украинскиот премиер Арсениј Јацењук изјави дека автономната република Крим ќе остане украинска територија, обвинувјќи ја Русија дека извршила „неоправдана агресија“.

Јацењук во интервју за германскиот весник „Билд“ изјави дека Украина никогаш нема да се откаже од Крим во однос на „руската агресија“.

- Нашите руски соседи без причина извршија неоправдана агресија на нашата национална територија - Автономна република Крим била, е и ќе остане украинска територија, истакна Јацењук.

 

04.03.2014 - 09:07

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега