Владимир Божиновски: 62 пратеника се гаранција дека Македонија нема да влезе во политичка криза

Предвремените избори само ќе покажат дека партија како ВМРО-ДПМНЕ која има неколкукратно повеќе избирачи од ДУИ не може и не смее да биде предмет на уцени од страна на помалиот партнер во Владата и со тоа ова прашање, односно иницијатива, ќе се затвори. Вака политичкиот аналитичар, Владимир Божиновски, во интервју за Прес24, го коментира најновиот расплет на политичката сцена, по одлуката на влаеачката ВМРО-ДПМНЕ да ја прифати фрлената ракавица од ДУИ и Македонија да оди на двојни избори на 27 март. За Божиновски ваквиот расплет на евентуалната политичка криза која се најавуваше е логичен, бидејќи идејата што ДУИ ја заговараше за консензуален Претседател е неизбодлива

 

-Доколку ВМРО-ДПМНЕ успее да освои 62 пратеника, тогаш кризата со сигурност ќе се избегне, но и без тоа сметам дека доколку ДУИ сака да остане во Владата нема да може да изврши посериозен притисок и да предизвика криза, бидејќи секогаш постои и друга опција за формирање Влада во која повторно би биле вклучени партии или партија на етничките Албанци, Вели Божиновски за Прес24. Неговите анализи се во насока дека изборот на Претстедател на државата треба да остане на непосредни избори, бидејќи отварањето ан Уставот ќе ја отвори пандорината кутија.

-Со тоа ќе се укине демократијата во Македонија, односно уцената со идејата за консензуален претседател по теркот на ДУИ која сега беше промовирана, но не и прифатена, на овој начин ќе добие правна рамка која би предизвикала долгорочна политичка криза, вели Божиновски.

Инстититот за политички истражувања-Скопје, каде Божиновски е претсгтедател, следните недели ќе спроведе анкета на испитување на јавното мислење, но вели дека засега нема драстични поместувања на рејтинизте. Во опозицискиот блок, пак Божиновски повторно препознава грешка во чекори на партиите.

-Иако коалицијата СДСМ и ВМРО-НП тогаш беше грешка, сега уште поголема грешка е нивното раздружување. Доколку останеа во коалиција СДСМ ќе можеше да се надева на гласовите на ВМРО-НП, кои иако не се многу, во пропорционалниот изборен систем може многу да значат. Со самостојниот настап гласовите на ВМРО-НП од старт ќе бидат загубени, со оглед дека поради досегашната коалиција со СДСМ, тие не можат да се надеваат на придобивање на нови гласачи преку одлевање на дел од гласовите од десницата, како што беше случај во 2011 година, иако очигледно е дека главна цел на ова раздружување на два месеци пред избори е преку ВМРО-НП да се создаде некаква конкуренција во десницата со оглед дека останатите партии од десниот спектар кои беа во коалиција со СДСМ (Достоинство и ОМ) повеќе не егзистираат на политичката сцена, вели Божиновски во интервјуто за Прес24.

ПРЕС24: Како што не најавуваше, како можен расплет на различните ставови меѓу коалиционите партнери во Владата околу прашањето за консезуален Претседател, ќе бидат предвремени парламентарни изботи. Колку ова може да биде и решение на оваа иницијатива што ја заговараше ДУИ?

БОЖИНОВСКИ: ДУИ делуваше конфузно уште на самиот почеток и при обидот за промоција на иницијативата воопшто не се потруди да даде дополнително објаснување или некаква дефиниција за нивното толкување на поимот консензуален претседател. Се доби впечаток дека за нив консензуален кандидат би можел да биде само личност која тие самите би ја избрале, а на ВМРО-ДПМНЕ (или СДСМ) нема да им остане ништо друго туку само да ја прифатат, што се разбира беше одбиено. Предвремените избори само ќе покажат дека партија како ВМРО-ДПМНЕ која има неколкукратно повеќе избирачи од ДУИ не може и не смее да биде предмет на уцени од страна на помалиот партнер во Владата и со тоа ова прашање, односно иницијатива, ќе се затвори.

ПРЕС24: Дали со предвремените парламентарни избори Македонија избегна сериозна политичка криза. Во смисла можност во  вториот круг да се постигне уставниот цензус за претседателските избори да бидат успешни?

БОЖИНОВСКИ: За опасноста од неуспешен цензус предупредував уште пред неколку месеци, со оглед дека ДУИ уште од тогаш најавуваше дека постои можност да не учествува на изборите, слично како и ДПА. Но, ова не претставува најголем проблем за постигнување на цензусот, бидејќи и на минатите избори во вториот круг гласаа многу мал број на етнички Албанци, според мои процени не повеќе од 30-35 000. Вистинската опасност за цензусот беше можноста за тивок бојкот од страна на партијата која има помали шанси за победа, иако нејзиниот кандидат би влегол во вториот круг, а со оглед на актуелните рејтинзи тоа во овој случај би била СДСМ. Доколку цензусот не беше надминат, а со бојкотот на СДСМ тоа со сигурност би се случило бидејќи ниту една партија не може да освои сама околу 700 000 гласови, тогаш нема да се говори за пораз, туку за неуспешни избори што ќе се одрази лошо на самата држава и пред се партијата која во моментот управува со државата, односно ВМРО-ДПМНЕ. На тој начин, наместо со поразот да загуби, СДСМ би се обидела да освои политички поени, претставувајќи ја власта како неспособна и некадарна да спроведе избори.  

ПРЕС24: Можен ли е избор на Претседател, ако албанските гласачи ги бојкотираат претседателските избори?

БОЖИНОВСКИ: Како што одговорив во претходното прашање и без гласовите на етничките албанци цензусот ќе биде без проблеми надминат, се разбира доколку не постои тивок бојкот од страна на една од двете најголеми партии. Со парламентарните избори, можноста за тивок бојкот е практично сведена на нула и надминувањето на цензусот е загарантирано. 

ПРЕС24: Во интервју за Прес24, пред еден месец Муса Џафери рече дека предвремени парламентарни избори можат да бидат излез од кризата, но нема да бидат решение за идејата што ДУИ ја заговара. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски на коненцијата побарa 62 пратеника за да се пресретне уценување. Дали по изборите во Април, е можна нова политичка криза, ако се земе в предвид дека ДУИ не се откажува од оваа идеја?

БОЖИНОВСКИ: Доколку ВМРО-ДПМНЕ успее да освои 62 пратеника, тогаш кризата со сигурност ќе се избегне, но и без тоа сметам дека доколку ДУИ сака да остане во Владата нема да може да изврши посериозен притисок и да предизвика криза, бидејќи секогаш постои и друга опција за формирање Влада во која повторно би биле вклучени партии или партија на етничките албанци.

ПРЕС24: Можно ли е овие претдедателски избори да бидат последните непосредни избори?

БОЖИНОВСКИ: Доколку се постигне консензус меѓу политичките елити тоа секако дека е можно, но за тоа треба и промена на Уставот, што барем во овој момент сметам дека е непожелно бидејќи ќе ја отвори пандорината кутија со останатите барања кои вклучуваат промена на Уставот, а од кои најголем дел се неприфатливи за македонскиот народ.

ПРЕС24: ДУИ вели дека едно од решенијата за консензуален Претседател би можел д абиде промена на политичкиот систем со избор на Претседателот во Парламентот со опција, двотретинско мнозинство и бадентерово мнозинство. Колко ова е изводливо и колку едно вакво решение би било добро за демократскиот и унитарниот карактер на државата?

БОЖИНОВСКИ: Со тоа ќе се укине демократијата во Македонија, односно уцената со идејата за консензуален претседател по теркот на ДУИ која сега беше промовирана, но не и прифатена, на овој начин ќе добие правна рамка која би предизвикала долгорочна политичка криза. 

ПРЕС24: Засега познати се четири имиња, кои веројатно на крај и ќе останат во трката за Претседател. Иванов, Пендаровски, Поповски и Халими. Како ја оценувате понудата за претседателските избори?

БОЖИНОВСКИ: Станува збор за квалитетни кандидати за претседател, иако предноста е на страната на Иванов, со оглед дека тој е актуелен претседател и нема потреба од дополнителна промоција. Другите кандидати се на некој начин хендикепирани поради многу кратката временска рамка во која ќе можат да им се претстават на гласачите. Ова особено важи за господинот Пендаровски како најсериозен опонент на Иванов. Сметам дека СДСМ мораше да го промовира својот кандидат барем два месеци претходно и со тоа да му даде поизгледни шанси на Пендаровски во дуелот со актуелниот Претседател.

ПРЕС24: Од трката испаднаа Ванковска и Ангелов. Тие како и многумина претходно паднаа на првиот тест, 10.000 потписи. Искуството покажува дека без сериозна партиска машинерија е невозможно да се влезе во претседателска трка. Колку оваа бариера, ја осиромашува понудата за претседателските избори.

БОЖИНОВСКИ: Моќта на партиите произлегува од поддршката на нивните членови кои своеволно се определиле да бидат дел од партиските структури. Главна придобивка на демократијата е опцијата секој да може да се претстави пред граѓаните и да ја побара нивната поддршка. Доколку е успешен во тоа ќе се здобие со можноста и самиот да формира таква структура, односно партија, која би му помогнала да влезе во изборната трка. И во западните демократии генерално кандидатите, особено оние со шанса да победат на изборите доаѓаат од редовите на најмоќните партии.

 

ПРЕС24: Ангелов, па и Ванковска велат дека главната причина што неможат да ги соберат потписите е стравот на граѓаните да се потпишат . Постои ли страв, или пак едноставно граѓаните се премногу политички определени, па не се поистоветуваат со независните кандидати?

БОЖИНОВСКИ: Доколку понудата на кандидатите е доволно квалитетна сметам дека собирањето на потписите нема да биде никаков проблем. Не може да се очекува дека некој кој има сериозна  аспирација да се кандидира и победи, а за што најмалку би му биле потребни над 400 000 гласови, не е во состојба да обезбеди 10 000 гласа за кандидатурата. Тогаш како може тој некој/а да се надева на успех ако за две недели не успеал да собере 10000 гласа, дека за еден месец и половина ќе успее да ги обезбеди останатите минимум 390 000 гласови неопходни за победа?

ПРЕС24: Како го оценувате изборот на кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за Претседател. На конвенцијата имаше четири кандидати. Иванов освои апсолутно мнозинство, а единстевн кој се издвои, иако далеку зад Иванов, беше Кекеновски. Колку еднен ваков начин на избор на претседателски канидат е добар за демократијата на една партија, а колку, ако се има в предвид македонското искуство, е вовед во поделби?

БОЖИНОВСКИ: Секогаш е добро да се има поголема понуда, бидејќи со тоа се потврдува демократскиот капацитет на самата партија, но тоа истотака значи и дека ќе има поголем квалитет при самиот избор. Со оглед дека кандидатите доаѓаат од истата политичка опција, треба да се очекува дека и поразените ќе работат за победата на кандидатот кој е избран да ја претставува партијата бидејќи неговата победа е и победа за партијата од која сите тие произлегуваат.

ПРЕС24: За разлика од владеачката партија, СДСМ и овој пат покажа дека внатрепартиската демократија е далечна за оваа партија. Дали токму стравот од можно поделби во партијата беше на конвеција да се оди со еден кандидат?

БОЖИНОВСКИ: Секој кој тврди дека се залага за демократија, тоа треба прво да го покаже на дело во сопствениот „двор“, односно при внатрепартиските изборни процеси. Доколку не успее во тоа, партијата го губи својот демократски капацитет и затоа потенцијалните гласачи (но и самите членови) може да ја загубат довербата во прокламираните демократски принципи на управување од страна на партиското раководство. Со тоа се ослабнува и мотивацијата и посветеноста кај членовите и симпатизерите на партијата, а тоа секогаш резултира и со помал успех на изборите.  Сметам дека и да постои опасност од поделби во партијата, со укинување на внатрепартиската демократија, односно правото на избор, тие не само што нема да исчезнат, туку напротив, може дополнително да бидат интензивирани.

ПРЕС24: Какви се моменталните анкети? Кој со колкав рејтинг влегува во овие парламентарни избори?

БОЖИНОВСКИ: Според мерењата кои во изминатата година беа објавувани од страна на ИПИС, а се потврдија и со резултатите на партиските листи за советници на минатите локални избори, нема посериозни осцилации кај партиските рејтинзи во последните 12 месеци. Според претходните истражувањата, предноста на ВМРО-ДПМНЕ е слична како што беше и на листите за советници на локалните избори 2013. Во следните денови ќе спроведеме и објавиме нова анкета после која ќе можеме точно да го прикажеме моменталното расположение кај гласачите. 

ПРЕС24: Анкетите покажуваат дека во предност е владеачката партија, но колку реално е достижен бројот на гласови кои се потребни за 62 пратеника? 

БОЖИНОВСКИ: Тоа пред се ќе зависи од успехот политичката кампања во следните два месеци. Преку следните истражувања на јавното мислење ќе може поточно да се прогнозира дали ВМРО-ДПМНЕ ќе успее да освои апсолутно мнозинство во парламентот.

ПРЕС24: На овие парламентарни избори ќе има и три други политички субјекти кои самостојно ќе настапуваат. Како го коемнтирате раздружувањето на ВМРО-Народна и СДСМ?

БОЖИНОВСКИ: Пред одржување на минатите локални избори повеќепати изјавив дека во политиката 2 и 2 не се секогаш 4. Тоа се покажа и на самите локални избори. Иако коалицијата СДСМ и ВМРО-НП тогаш беше грешка, сега уште поголема грешка е нивното раздружување. Доколку останеа во коалиција СДСМ ќе можеше да се надева на гласовите на ВМРО-НП, кои иако не се многу, во пропорционалниот изборен систем може многу да значат. Со самостојниот настап гласовите на ВМРО-НП од старт ќе бидат загубени, со оглед дека поради досегашната коалиција со СДСМ, тие не можат да се надеваат на придобивање на нови гласачи преку одлевање на дел од гласовите од десницата, како што беше случај во 2011 година, иако очигледно е дека главна цел на ова раздружување на два месеци пред избори е преку ВМРО-НП да се создаде некаква конкуренција во десницата со оглед дека останатите партии од десниот спектар кои беа во коалиција со СДСМ (Достоинство и ОМ) повеќе не егзистираат на политичката сцена . Ќе повторам дека по коалицијата со СДСМ, шансите на ВМРО-НП за постигнување на сличен резултат како во 2011 се непостоечки.  

ПРЕС24: Колкави се шансите за влез во Парламентот на партијата на Георгиевски?

БОЖИНОВСКИ: Доколку земеме во предвид дека на минатите избори ВМРО-НП со многу повисок рејтинг не успеа да освои ниту еден пратеник, за нив практично не постојат шанси за влез во парламентот на овие избори, бидејќи сега поддршката на ВМРО-НП е далеку послаба. Како што напоменав претходно, главната цел на ВМРО-НП на овие избори нема да биде обидот да се освои пратеник, туку пред се да одземе гласови од ВМРО-ДПМНЕ и со тоа да му помогне на СДСМ. Затоа мислам дека на овие избори ВМРО-НП ќе ја насочи својата кампања пред се во 3 изборна единица, каде предноста на ВМРО-ДПМНЕ во однос на СДСМ е  најголема.

ПРЕС24: Јакимовски и ГРОМ демонстрираа капцитет и за два дена собраа 10.000 потписи за кадидатурана на Зоран Поповски. На локалните избори бројот на глсови кои го освои во Карпош, ветува 2 или 3 пратенички мадати. Може ли ГРОМ да биде политичкото изненадување на овие предвремени парламентарни избори?

БОЖИНОВСКИ: Со оглед дека ГРОМ во моментов има поддршка од околу 1,2-1,5% (20-25 илјади гласачи) сконцентрирани пред се во Скопје (ИЕ1 и ИЕ2) реално е да очекуваат освојување на 1-2 мандати во новиот парламент, се разбира доколку поддршката остане иста. Доколку поддршката продолжи да расте тогаш може да се надеваат и на повеќе. 

ПРЕС24: И третиот политички субјект, кој амбициозно настапуваше, но во последните месец, два е некако пасивен е Позитивната Алијанса. Нивната одлука е да одат само на парламентарни избори?

БОЖИНОВСКИ: Алијансата во моментов нема доволно поддршка за освојување на пратеник. Во зависност од нивните активности и евентуално зголемување на довербата кај гласачите во пресрет на изборите, ќе може поточно да се прогнозираат нивните шанси за освојување на пратенички мандати.

ПРЕС24: Ако се земат в предвид настаните од пред еден месец и политичките обвинувања, тогаш вероојатно оваа кампања ќе биде една од повалканите. Зошто во Македонија партиите се уште како главен адут за собирање гласови ја користат валканата критика, а не понудат на решенија?

БОЖИНОВСКИ: Негативната кампања генерално не привлекува, туку одзема гласови. Таа е насочена кон гласачите кои се можеби подржувачи на политичкиот ривал, но не се дел од т.н. цврсто гласачко тело на партијата и затоа со негативната кампања тие се поттикнуваат да се премислат и да не гласаат за политичкиот опонент. Сепак и да е успешна негативната кампања тоа не значи дека гласачите автоматски ќе гласаат за другата партија, како што во Македонија беше случај до 2006 година, туку тие влегуваат во групата на неопределени гласачи.

Во новата политичка реалност, за да се привлечат неопределените и да го дадат својот глас за одредена партија, таа партија треба да има добра понуда, претставена преку политичката платформа формулирана во добро конципирана партиска програма. Базичните постулати за развој, односно суштинските идеи на политичкиот концепт претставуваат основа на секоја позитивна кампања. Гласачите се привлекуваат со ветувања, односно со позитивна кампања, се разбира поткрепени со отчетност на веќе сработеното како потврда на претходно остварените ветувања. Довербата е од суштинско значење за освојување на нови гласови, бидејќи доколку не постои доверба во прокламираните заложби на еден политички субјект, тогаш и ветувањата се беспредметни, односно нема да бидат сфатени сериозно од гласачите. Дополнително, ветувањата треба да бидат добро образложени бидејќи, на пример може да ветите, но тешко дека некој ќе ви поверува дека ќе обезбедите просечна плата од 1000 евра ако не успеете да објасните кои чекори ќе ги преземете, односно како ќе го постигнете тоа.

Негативната кампања може да биде само дополнување, а не главна алатка на политичките кампањи.

Приоритет секогаш мора да има позитивната кампања. Ова е особено важно за опозицијата бидејќи таа треба да привлече нови гласачи и со тоа да и се приближи, односно да ја смени власта.

 

Ако опозицијата стави приоритет на негативна кампања, таа не може да се надева на посериозен изборен успех, бидејќи освен да се прикаже колку се лоши другите, во секоја политичка кампања е многу поважно да се потенцира колку сте добри вие, и тоа преку квалитетно претставување на вашиот концепт за управување со државата. Доколку партијата не успее да го создаде и наметне овој концепт пред гласачите, таа од старт е осудена на неуспех. Употребата на негативна кампања без притоа да постои квалитетна позитивна платформа, ја деградира политичката доверба и ја прави нерелевантна и несериозна самата политичка партија. Предоминантно користење на негативна кампања како основа на една политичка понуда не може да резултира со победа на изборите. Доказ за ова тврдење претставуваат неколкуте последователни порази на опозицијата во Македонија во изминатите осум години, токму поради употребата на негативна кампања како основа во предизборниот натпревар со власта.

02.03.2014 - 12:33

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега