Попоски: Бриселскиот договор ги релаксираше односите меѓу Србија и Македонија
Развојот на дијалогот меѓу Белград и Приштина, како и Бриселскиот договор влијаеја на релаксирање на односите меѓу Србија и Македонија, вели шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски во изјава за српска „Политика“.
Тој за „Политика“ истакнува дека „само делумно се промениле“ двете отворени прашања меѓу Србија и Македонија - односите меѓу СПЦ и МПЦ, како и различните ставови во однос на Косово.
Попоски вели дека СПЦ и понатаму има потешкотии да ја признае МПЦ, и покрај тоа што, вели, веројатно сите би биле посреќни односите меѓу нив да се канонски признаени.
- Лично не мислам дека двете држави треба да се занимаваат со духовни теми. Секако, дека ниеден Македонец без оглед дали е верник, не гледа со одушевување кога таа институција се оспорува, бидејќи носи и идентитески карактер, вели министерот.
Тоа, додава тој, не ретко се интерпретира како дел од „пошироката негација на македонскиот идентитет, а во суштина би требало да биде прашање за самата црква“.
- Не мислам дека проблемот е нерешлив, но исто така не сум убеден дека не можеме да живееме и без некое решение, оосбено ако би било штетно за пошироките македонски интереси, потенцира министерот Никола Попоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа