Груевски: Драстично е подобрена бизнис климата во Македонија

Макроекономска стабилност, ниски трошоци за бизнис, ниска задолженост, ниски даноци, технолошко индустриски зони кои нудат одлични можности за работење на компаниите, пристап до голем пазар преку потпишаните договори за слободна трговија, доброто функционирање на институциите, како и поддршката што Владата ја дава на компаниите кои сакаат да инвестираат, ова се дел од предностите што синоќа премиерот Никола Груевски им ги претстави на инвеститорите од регионот на Штутград на Бизнис форум организиран во соработка со Фајненшл тајмс. 
 
- Република Македонија има долгогодишна макроекономска стабилност со ниска инфлација која во просек изнесува околу 2 процента во последните 10 години, избалансирани јавни финансии со низок буџетски дефицит, стабилен девизен курс и низок државен долг  од 34,3 отсто од БДП, четврт најнизок долг во Европа, што во овие времиња на должничка криза е многу важно, рече премиерот на Форумот.

Тој објасни дека оваа состојба е резултат на проактивната економска и реформска политика на Владата и оти последните податоци покажуваат дека лани растот на економијата беше 3,4 проценти што е втор најголем раст во Европа.
 
Македонија, додаде премиерот, е конкурентна не само по ниските даноци, туку и ниските царини, социјалните придонеси, енергијата, логистиката, како и условите што ги нудат технолошко-индустриските зони. 
 
- Функционираат три индустриски зони, а планираме 14. Зоните за инвеститорите во технолошко индустриските развојни зони нудиме низа дополнителни поволности целосно ослободување од персонален и данок на добивка во времетраење од 10 години и ослободување од плаќање на надомест за уредување на градежното земјиште кон општините, како и од надоместоци за добивање на градежни дозволи. Земјиштето се дава под долгорочен закуп под поволни услови и симболични цени за период до 99 години. Владата учествува во трошоците за градба на корисниците, во зависност од бројот на нови вработувања и висината на инвестицијата на корисникот, рече Груевски. 
 
ТОј потенцираше дека се преземени повеќе мерки во изминатите 6-7 години за подобрување на бизнис климата.

– Со проектот Регулаторна гилотина упростени се илјадници процедури, рече премиерот, додадавајќи дека многу е важно што сме држава со ниски трошоци и дека во Европа не постои друга која има такви услови  за правење бизнис. 
 
Како најголем предизвик ја посочи невработеноста која образложи дека кога дошла оваа Влада на власт била 38 отсто и оти сега со преземените мерки е намалена на 28 проценти. Според премиерот, со опоравувањето на состојбата во Европа ќе се успее да се намали уште повеќе.
 
Многу важно за инвеститорите, рече Груевски, е дека во Македонија има квалификувана работна сила и млади едуцирани лица.

– Презедовме низа реформи и инвестиравме во образованието и младите знаат да ја препознаат потребата од образование, рече Груевски.
 
- Најдобра потврда дека условите се добри се веќе реализираните инвестиции, а особено одлуките на присутните по втор пат да отворат свои капацитети, додаде премиерот. Меѓу странските компани присутни во Македонија, посочо, се и трите германски Дрекслер маер, Кромберг и Шуберт и Маркард. 
 
Вицепремиерот и министер заа финансии, Зоран Ставрески истакна дека за инвеститорите исто така важна е и инфраструктурата

- Инвестираме многу. Оваа година почнавме со изградба на два автопати на запад и исток што ќе го подобрат транспортот и логистиката, а исто така почнавме со изградба на железничката пруга кон Бугарија, рече Ставрески.
 
Политичарите зборуваат за тоа што ќе прават, а ние, како што рече, зборуваме за тоа што сме направиле.

- Сакаме да ве поканиме да не послушате но и да проверите и други извори како Светска банка, ЕБОР, но и веќе постоечките инвеститори бидејќи знаат што правиме за бизнис окружувањето, истакна Ставрески.
 
Лудгер Шонекер, менаџер од корпорацијата Маркард, една од германските инвестиции во Македонија рече дека ќе почнат со изградба на фабриката во Велес во април 2014 година.

– Планираме да завршиме во април 2015 и да почнеме со проиводство, а ќе  вработиме 500-600 луѓе, истакна тој и додаде дека своето проиводство од фабриката во Македонија ќе го пласираат во Германија. Произведува автомобилски делови за Мерцедес, Ауди и БМВ. Инвестицијата е проценета на 35 милиони евра.  

Германија е трет најголем инвеститор во Македонија и нејзин прв трговски партнер.

28.02.2014 - 08:24
Фото: 
MIA

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега