Директорот на „Чистота и зеленило“-Куманово ќе одговара за криминал тежок 5 милиони денари

 

46 годишниот кумановчанец С.П., А.К. (38) од Свети Николе, и кумановчаните Б.Ј. (52), С.М. (42) и С.Г.(54) си заработија кривични пријави поради основано сомнение дека ги сториле кривичните дела „злосторничко здружување“ и „злоупотреба на службена положба и овластување“.

С.П. вработен како директор на ЈП „Чистота и зеленило“ Куманово, заедно со А.К. сопственик и управител на браварската работилница „Дух“ ДООЕЛ Свети Николе, создале група со цел браварската работилница „Дух“ нелегално да заработи 5.300.000 денари.

- С.П. злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластување со пречекорување на границите на своето службено овластување иницирал набавка на три половни комунални товарни моторни возила за подигање, собирање и транспортрање на смет и едно половно специјално моторно возило  - метлачка за потребите на претпријатието преку Постапка за доделување на договор за јавна набавка-Тендер. И за таа цел заедно со А.К. кој исто така ја злоупотребил својата службена положба и овластување со пречекорување на границите на своето службено овластување по претходен договор дека ќе го добие тендерот, организирале посета на авто-плацеви на територија на Германија, со цел пронаоѓање на соодветни возила, нивно плаќање преку сметка на фирмата на А.К. од кои средства дел се авансно платени од ЈП „Чистота и зеленило“ Куманово заедно со нивно транспортирање до Македонија, соопштуваат од МВР. 

По распишување на тендерот, во постапка на одлучување Б.Ј., С.М. и С.Г. ја злоупотребиле својата службена положба и овластување со пречекорување на границите на нивните службени овластувања како членови на Комисијата  за јавни набавки при ЈП „Чистота и зеленило“. Тие, на 30. април 2012 година, при отворање на двете понуди од браварската работилница „Дух“ ДООЕЛ Свети Николе и Друштвото за еколошки, комунални и други услуги „Еко Тера Интернационал„ ДООЕЛ Скопје постапиле спротивно на законот и не ги провериле техничките понуди поднесени од двата понудувачи, односно дали понудувачите ги исполнуваат важечките законски прописи на Македонија.

Тие само утврдиле дека понудата на Друштвото за еколошки, комунални и други услуги „Еко Тера Интернационал„ ДООЕЛ Скопје, е некомплетна и ја отфрлиле од понатамошна евалуација, а ја прифатиле претходно договорената понуда од браварската работилница „Дух“, иако и таа била некомплетна.

-По изготвување на записник од отворање на понудите, тројцата вработени му овозможиле на А.К. да ги донесе и да ги регистрира возилата во Македонија, односно да го спроведе договорот со С.П. Возилата за сума од 61.764 евра со ДДВ биле набавени од страна на понудувачот браварска работилница „Дух“ ДООЕЛ Свети Николе а на ЈП „Чистота и зеленило„ Куманово и биле продадени за 86.179 евра без ДДВ, со што оствариле профит од 34.219 евра кои пари по претходен договор би биле поделени помеѓу С.П. и А.К. 

26.02.2014 - 11:54

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега