Ламбринидис: Жалам за распадот на Југославија и појавата на „нови идентитети“
Поранешниот шеф на грчката дипломатија Ставрос Ламбринидис, кој сега е пратеник на Европската Унија за човекови права, на прашањето на МИА за спорот меѓу Македонија и Грција не оставил простор за признавање на македонскиот национален идентитет и изразил жалење што по распадот на Југославија се појавиле други идентитети.
Ламбринидис, кој вчера во Вашингтон држел предавање за почитувањето на човековите права пред мала група студенти на универзитетот Џорџтаун, не сакал да одговори зошто Грција не може да го почитува правото на Македонците, во Грција или во Македонија, на самоопределување на нивната етничка припадност.
- Знаеме секако дека Грција и поранешната југословенска Република Македонија не се согласуваат за некои од овие прашања. Целиот живот верував дека мора да има нов пристап за целиот балкански регион, во тоа како приоѓаме едни на други и како приоѓаме на предизвиците кои може да бидат и околу различната етничка припадност и различните јазици. По 1990-тите години, кога падна Берлинскиот ѕид, Балканот тргна во погрешна насока. Имаше многу насилство на Балканот, обиди да се создадат нови национални идентитети во разни земји, честопати засновани врз специјална интерпретација на историјата или етничноста. Мислам дека тоа е катастрофа, бидејќи Балканот е толку мултикултурно, разновидно место, што е многу опасно за нас да се обидуваме да издвоиме различни верски и малцински групи. Мислам дека тоа е грешка и тоа го видовме. Се надевам дека Грција и поранешната југословенска Република Македонија место да се обидуваат да ја препишат древната историја, ќе имаат можност да направат историја, во нешто што е визионерско, што ќе гледа напред и ќе ги напушта сите овие обиди да се присвои минатото на другиот и ќе гледа кон иднината, истакнал Ламбринидис одговарајќи на прашањето на МИА зошто Грција не го прифаќа македонското право на самоопределување.
По предавањето, Ламбринидис, прашан дали одговорот значи дека според него требало да се зачува Југославија, со нејзиниот идентитет, само додал дека жали што Македонија и Грција го имаат овој спор. За состојбата во Грција и другите членки на Европската Унија, тој истакнал дека неговиот мандат не е да известува за состојбата во државите членки на ЕУ, туку за државите во европското соседство, како и за остатокот од светот.
Ламбринидис како кадар на грчката социјалистичка партија ПАСОК, кратко време беше министер за надворешни работи во 2011 година. Во Вашингтон тој вчера оствари средба со вршителот на должноста помошник државен секретар за меѓународни организации Дин Питман.
Во своето предавање во универзитетот Џорџтаун, Ламбринидис зборувал за неговата работа за ширење на човековите права низ светот, поддршката на невладините организации, потребата на универзална примена на човековите права и актуелното прашање на правата на хомосексуалците во Уганда. За кризата во Украина, Ламбринидис оценил дека руската дипломатска победа во оваа земја е свртена наопаку.
- Кетрин Ештон беше таму вчера и денеска, разговараме со двете страни, се обидуваме да обезбедиме преговори и да ја придвижиме државата напред. Уште ништо не е решено однапред. Пред еден месец во Украина сите претпоставуваа дека Русија извојувала триумф над Европа и над САД. Тоа беше општо прифатено. Одеднадеж, можеби поради тоа што ние го сторивме, би рекол повеќе без никакво наше влијание, земјата едноставно тргна во поинаква насока. Ние не мислиме дека во Украина или Белорусија, некој мора да загуби за другиот да победи. Русија не мисли така, но да видиме што ќе се случи, истакнал Ламбринидис, пренесува МИА.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа