Ердоган тврди дека снимките од разговорот со неговиот син се лажни
“Снимките што се појавија на интернет и за кои се тврди дека претставуваат разговор меѓу Ердоган и неговиот син, се лажни” изјавија вчера од кабинетот на турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган.
Снимките од разговорот кој посочува на корупција во Владата, се појавија откако беше објавено дека турската полиција прислушувала најмалку 7.000 луѓе, меѓу кои и премиерот Ердоган, членови на неговиот Кабинет, шефот на разузнавачката служба на Турција и новинари.
Во наведената снимка двајца мажи за кои се тврди дека се Ердоган и неговиот син разговараат за тоа како да се ослободат од голема сума на пари од нивната куќа. Разговорот наводно бил воден на 17 декември, на денот кога започна полициската антикорупциска акција, при која беа приведени поголем број лица блиски до Владата на Ердоган, меѓу кои и синови на тројца министри.
- Оваа снимка е неморална, лажна и целосно невистинита, нагласи кабинетот на Ердоган, најавувајќи дека премиерот во врска со ова ќе покрене „законска постапка“.
Турските провладини весници „Јенисафак“ и „Стар“ вчера објавија дека полицајци приврзаници на Фетулах Ѓулен, турски имам кој живее во САД, цели три години ги прислушувале телефоните на турскиот премиер, како и на бројни политичари и бизнисмени .
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа