САД: Јанукович повеќе не е активен лидер на Украина
Како што соопштуваат од Белата куќа се уште не е познато местото на кое се наоѓа украинскиот претседател Виктор Јанукович а тој „не раководи активно со земјата“, соопшти синоќа Белата куќа.
Портпаролот на Белата куќа, Џеј Карни, изјави дека Администрацијата на Обама смета оти украинскиот Парламент законски го избра новиот претседател.
Претседателот на Парламентот, Олександер Турчинов, дејствува како привремен лидер на Владата по протестниот бран што го принуди Јанукович да избега од Киев.
Некои украински медиуми објавија дека Јанукович се наоѓа на црноморскиот полуостров Крим, кој важи за проруски дел на Украина.
Карни изјави дека САД се подготвени да и помогнат на Украина економски да застане на нозе, обезбедувајќи и поддршка за дополнување на помошта од Меѓународниот монетарен фонд.
Според портопаролот на Белата куќа, Вашингтон смета дека зближувањето на Украина со Европа не му противречи на развојот на нејзините односи со Русија.
Во исто време портпаролката на Стејт департментот, Џенифер Псаки изјави дека украинскиот претседател Виктор Јанукович го загубил легитимитетот и Парламентот донел правилна одлука што го отстрани од должноста.
Како што јави ИТАР-ТАСС, таа потенцира дека САД ја поддржуваат одлуката на Врховната Рада за назначување на новото раководство на земјата при „недостиг на лидерство“, откако Јанукович го напушти Киев.
Украинскиот Парламент беше принуден да ги преземе овие чекори во одговор на однесувањето на Јанукович, додаде таа.
Според Псаки, САД не знаат каде се наоѓа Јанукович и се залагаат за мирен демократски дијалог меѓу различните политички сили во Украина.
- Ние, исто така, повикуваме на надминување на конфликтот, формирање коалициска Влада и уставни реформи во Украина, потенцира Псаки.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа