Стартува изградбата на Паркот на ветерни електрани „Богданци“
Денеска АД „Електрани на Македонија“ официјално ќе ја почне изградбата на Паркот на ветерни електрани „Богданци“.
Ова ќе биде прв ваков капцитет во Република Македонија кој ќе обезбеди чиста енергија од обновлив извор користејќи го ветерот како погонска сила.
Компанијата потпиша договор со Siemens Wind од Данска во конзорциум со грчки Siemens AS за испорака, транспорт, монтажа, пуштање во работа и одржување на 16 турбини на ветер.
Инсталираната моќност на секоја од турбините е 2,3 мега вати, висината на столбот изнесува 84 метри, а дијаметарот на елисата 93 метри. Монтажата на ветерниците ќе обезбеди вкупна инсталирана моќност од 36.8 мега вати.
Локацијата нуди можност во иднината да се постават дополнителни ветерни турбини кои би го заокружиле овој ветерен парк со инсталирана моќност од 50 мега вати.
Во моментот се работи на изведбата на потребната инфраструктура и придружните објекти за ветерниот парк преку договор со конзорциумот „Терна Сименс“ за изведба на патната инфраструктура, приклучниот далековод, командната зграда и 20/110 кило волти трафостаница.
Дел од средствата за реализацијата на проектот ветерен парк Богданци се обезбедени преку креди од германската КФВ банка потпишан во април минатата година. За проектот чијашто проценета вредност е 55,5 милиони евра, германската КФВ банка обезбеди 32,9 милиони евра, а останатите 22,6 милиони ќе ги обезбеди АД ЕЛЕМ од сопствени средства.