Дел од украинската експедиција ги напушти ЗОИ во Сочи
Во знак на протест поради крвавите инциденти во Киев неколку членови од украинскиот состав на Олимпијадата во Сочи одлучија да се повлечат од Игрите.
Меѓународниот олимписки комитет информира дека добиле известување од алпската скијачка на Украина, Богдана Мацоцка го прекинува својот престој во Сочи. Заедно со неа од Игрите се повлече и нејзиниот татко и тренер Олег Мацоцки.
“Како членови на украинскиот олимписки тим сакаме да ве информираме дека сме згрозени од потезите на претседателот на Украина Виктор Јануковиќ кој наместо преговори употреби оружје врз протестантите. Тоа што се случува во нашата земја претставува кршење на старите принципи на Олимписките игри, а тоа е примирје насекаде низ светот”, објави Мацоцка.
Првиот човек на Украинскиот олимписки комитет, легендарниот Сергеј Бубка од украинските репрезентативци во Сочи побара да покажат единство, но додаде дека го почитува правото на сите спортисти сами да донесат одлука дали сакаат да останат до крајот или да се вратат во Украина.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа