Од утре стартува увидот во Избирачкиот список

 

Увидот во Избирачкиот список за претстојните претседателски избори започнува утре и ќе трае до 7 март.

Државната изборна комисија, најдоцна 15 дена од денот на распишувањето на изборите, го става Избирачкиот список на јавен увид во своите подрачни единици и месни канцеларии. Увидот трае дваесет дена. Истовремено, како што јави МИА, започнува и јавниот увид во посебните изводи на Избирачкиот список во Дипломатско-конзулартните претставништва на Македонија за лицата на привремена работа или престој во странство. Посебните изводи од Избирачкиот список ДИК преку Министерството за надворешни работи ги достави до ДКП-та.

До 7 март државјаните на Република Македонија кои се на привремена работа или престој во странство можат по електронска пошта преку ДКП-та или до ДИК да поднесат барање за запишување, дополнување или бришење на податоците од посебните изводи од Избирачкиот список, а исто така, граѓаните ќе можат да проверат дали ги има во Избирачкиот список и преку веб-страната на ДИК (www.sec.mk).

Од утре започнува и собирањето потписи за кандидат за претседател од група избирачи кое ќе трае до 2 март. Претседателот на ДИК Никола Рилкоски минатата недела најави зголемување на бројот на местата каде што независните кандидати ќе може да ги собираат потписите од 34 на 80-тина.

ИЗборите се закажани за 13 април.

15.02.2014 - 10:19

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега