ЕУ повика на борба против хомофобијата

Европската унија, денеска на Меѓународниот ден на борба против хомофобијата, повика на акција против дискриминацијата и насилството над хомосексуалците.

Извештајот на Европската унија покажува дека речиси две третини од геј популацијата ширум ЕУ живеат во страв.

Директорот на Агенцијата на ЕУ за фундаментални права (ФРА) Мортен Кјаерум истакна дека неопходни се акции за „уривање на бариерите, елиминирање на омразата и креирање на општество во кое секој ќе може целосно да ужива во своите права“.

- Стравот, изолацијата и дискриминацијата се секојдневни појави за ЛГБТ заедницата во Европа, се наведува во извештајот.

Истражувањето спроведено онлајн, при што биле испитани 93.000 луѓе кои живеат во земјите-членки на ЕУ и плус Хрватска, покажува дека 26 отсто од испитаниците биле физички или вербално нападнати во последните години.

Трансексуалците се посебно погодени и 28 проценти изјавиле дека во последните 12 месеци биле нападнати или им се заканувале повеќе од трипати.

- Ситуацијата е полоша денес отколку од пред четири години, се посочува во извештајот на ФРА.

Две третини од испитаниците изјавиле дека се плашат во јавност да ја покажат својата сексуална ориентација, а дискриминацијата често почнува во училиште.

Обединетите нации покренаа образовна кампања, во која генералниот секретар Бан Ки-мун и порачува на светската ЛГБТ заедница „Не сте сами“. 

најчитано сега