И охридските матуранти танцуваа квадрил
Повеќе од 360 матуранти од гимназијата „Св. Климент Охридски“ точно напладне на Градскиот плоштад во Охрид танцуваа квадрил на Штраусовата опера „Лилјакот“, во рамки на меѓународната манифестација „Матурска парада 2013“.
По шести пат охридските матуранти полнолетството го одбележуваат со учество на оваа манифестација што ги обединува врсниците од 11 држави на Европа, со надеж дека ќе биде соборен Гинисовиот рекорд со повеќе од 30 илјади учесници.
Охридските матуранти на Градскиот плоштад ги поздрави градоначалникот Никола Бакрачески, им ја честита матурата посакувајќи им многу здравје, радосни моменти и успех во животот.
- Пред вас е отворен патот кој секој поединечно ќе го осмислува и чекори. Бидете достоинствени на тој пат, храбри да се соочите со предизвиците што ќе се испречуваат пред вас. Бидете цврсти во одлуките да напредувате, на начин да не ги нарушите основните човечки и етички вредности и достоинството на другите. Посегнете по високо образование, вистинско знаење затоа што тоа е единствениот успех во животот и вредност што никогаш не може да ви биде одземена, рече Бакрачески.
Дел од европската матурска парада 2013 денеска беа и матурантите од Скопје, Куманово, Струмица, Гевгелија и Струга.