Расте нивото на реката Темза - евакуирани над илјада семејства

Над повеќе од илјада семесјтава по течението на Темза  се евакуирани поради надојдените води на реката. Нивото на водата во реката продолжува да се зголемува, но засега од Агенцијата нема предупредување за излевање на Темза и во градското подрачје на Лондон. Лошото време и новите обилни врнежи предизвикаа зглемување на нивото и на другите реки во Англија и во јужен Велс, па сега голема закана од поплави има во дури 16 локации.

На помош на спасувачките екипи, од пред една недела им се приклучени и припадниците на британската армија. Во оваа операција има две илјади војници, а Министерството за одбрана соопшти дека ако е потребно таа бројка ќе се зголеми.

Во реоните покрај Темза од ноќеска се поставени уште 30 илјади вреќи со песок, за да се одбранат домовите на луѓето, но тие се револтирани и незадоволни, како од општинските власти, така и од британската Влада.

Луѓето во поплавените реони тврдат дека реакцијата на властите била задоцната и недоволна.

Британскиот премиер Дејвид Камерон изјави дека „парите не се проблем“ кога станува збор за жртвите од поплавите. Изјавата доаѓа како реакција на тврдењето од Агенцијата за човекова околина дека Министерството за финасии „не дава пари за поплавите и поплавените“.

Претставник на Министерството за транспорт, сепак, предупреди дека изјавата на Камерон нема да значи издавање „бланко чекови“ за поплавените реони.

Временската ситуација во Велика Британија каде е регистрирана најврнежливата зима во последните 248 години, продолжува да се усложнува, затоа што за денешното попладне и вечер, метеоролозите најавуваат ново силно невреме, проселдено со силен ветер, што на моменти ќе дува со брзина од 160 километри на час.

12.02.2014 - 13:42

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа