ВМРО-ДПМНЕ: Дамјановски и Манчевски да не глумат жртви туку да ги покажат документите

 

Денес ги повикуваме и барaме од потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски и градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски – Циц, веднаш јавно да ги објават двата договори склучени со ЈП Куманово-Паркинг.

Едниот договор е склучен со фирмата Метропаркинг ДОО од Белград на ден 28.01.2011 година, а другиот договор е склучен со фирмата Метропаркингплус ДОО од Скопје на ден 28.02.2011 година.

 

После овој скандал тие мораат на јавноста да и ги презентираат овие документи.

 

Имаат две опции. Дали ќе решат да ги објават овие договори на официјалната веб страна на СДСМ или пак на веб страната на Општина Куманово, зависи само од нив. Важно е е јавноста да ги види. 

Почитувани,

Скандалот со тендерот за паркинзи во Куманово зафаќа огромни размери.

Градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски – Циц никаде го нема. Се скри во земја. Прво велеше дека ништо не знае, па потоа од фотографија видовме дека бил присутен на потпишувањето на договорот.

 

Потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски, од друга страна, е комплетно конфузен. Сака да мислиме дека е жртва, а работел по тендер во општина каде градоначалник е од партијата каде тој е потпретседател. Прво велеше дека нема тендер, па потоа дека ја напуштил фирмата, а ништо од, според официјални документи кои ви ги презентиравме, изгледа дека не е точно.

 

Дамјан Манчевски бранејќи се веќе не мери што зборува. Покрај што ќе ме тужел мене, за што го охрабрувам, ќе ја тужел и фирмата во која, според валидни државни документи, тој е лице за контакт. Се прашувам дали тужбата за фирмата Метропаркингплус ДОО Скопје ќе си ја достави сам на себе, зошто, според документите од Централен Регистар, тој сеуште е овластен од фирмата да биде лице за контакт?

 

Сакаме да ја потсетиме јавноста дека Дамјан Манчевски не е во политиката и во СДСМ од вчера. Токму Дамјан Манчевски е човекот кој од 2007 до 2009 година, додека Радмила Шекеринска беше лидер на СДСМ, беше шеф на нејзиниот кабинет. Исто така, Манчевски во минатото ја извршуваше и функцијата потпретседател на подмладокот на СДСМ. Очигледно, оправдувањата на Манчевски дека тој не бил јавно експонирана личност во моментот на добивање на тендерот, повеќе немаат никаква смисла и логика.

 

Добивањето на функции во СДСМ секогаш има некоја позадина. И функцијата на Дамјан Манчевски, но и функциите во раководството на СДСМ на еден голем број кумановчани, поврзани со Зоран Дамјановски – Циц почнуваат да личат на многу логичен тек на работите.

 

Дамјан Манчевски како сопственик и Зоран Дамјановски - Циц како градоначалник и еден од присутните кога е потпишан договорот со Метропаркинг ДОО од Белград, конечно треба да излезат пред јавноста и да ја прифатат политичката одговорност, бидејќи тоа го бараат нивните функции, но и граѓаните.

 

Потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски и Градоначалникот на Куманово не треба да се расправаат и правдаат со ВМРО-ДПМНЕ, туку овој скандал треба да им го објаснат на граѓаните затоа што на крај сепак тие го даваат најдобриот суд

(Интегрален текст од прес конференција на Илија Димовски, ВМРО-ДПМНЕ)

12.02.2014 - 12:59

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега