Иванов домаќин на Самитот на држави и влади од ПСЈИЕ

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов ќе биде домаќин на 16. Самит на шефови на држави и влади на земјите учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), што треба да се одржи на 1 јуни во Охрид.  Наредниот ден, на 2 јуни, во Струга, Иванов ќе биде домаќин на 11. Регионален форум на „Дијалогот меѓу цивилизациите“, насловен „Млади за иднината - иднина за младите“.

Главни теми за кои ќе се зборува на Самитот, што се одржува под мотото „Солидарност во акција“ се намалување на ризиците од катастрофи и адаптација кон климатските промени. Самитот претставува завршна активност во рамки на едногодишното македонско претседавање со оваа регионална иницијатива, соопшти денеска Кабинетот на Претседателот.

Во фокусот на дебатата на регионалните лидери на 11. Форум на „Дијалогот меѓу цивилизациите“, ќе биде создавање безбеден, мирен и просперитетен свет за идните генерации и вложување во нивното образование со цел активно да придонесат во градење на демократските процеси, доброто државно владеење и унапредување на долгорочните и конструктивни односи меѓу државите и народите. Со Форумот во Струга ќе биде одбележан и 10 годишниот јубилеј од „Дијалогот меѓу цивилизациите“, што започна на иницијатива на поранешниот претседател  Борис Трајковски, кој во Охрид, 2003 година, беше домаќин на Првиот регионален форум.

Досега, на настаните во Охрид и Струга, присуство потврдиле и се очекува да учествуваат претседателите  на Албанија, Бујар Нишани, на Бугарија,  Росен Плевнелиев, на Хрватска, Иво Јосиповиќ, на Молдавија,  Николае Тимофти, на Црна Гора, Филип Вујановиќ, на Романија, Трајан Басеску, на Србија, Томислав Николиќ и на Словенија, Борут Пахор, како и претседавачот со претседателството на Босна и Херцеговина, Небојша Радмановиќ и   министерот за надворешни работи на Турција, Ахмет Давутоглу, информираат од Кабинетот на Иванов.

Како учесници или специјални гости на двата настана се очекува да бидат  претседавачот со Генералното собрание на ООН, Вук Јеремиќ, генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова, комесарот на Европската Унија за меѓународна соработка, хуманитарна помош и одговор на кризи, Кристалина Георгиева, специјалниот претставник на генералниот секретар на ООН за намалување на ризиците од катастрофи, Маргарета Волстром, специјалниот претставник на генералниот секретар на Советот на Европа и шеф на одделот за демократски иницијативи, Еладиот Фернандез Галиано. Дел од учесниците ќе бидат и претседавачот на Европскиот форум за намалување на ризици од катастрофи, Даг Олаф Хогволд, специјалниот претставник на генералниот секретар на Меѓународната организација на франкофонијата, Давид Бонгард, специјалниот претставник на генерAланиот секретар на ООН за млади, Ахмад Алхиндави, генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка, Горан Свилановиќ и амбасадорот на Ирска, актуелен претседавач со ЕУ, Оливер Гроган.

најчитано сега