Македонија останува четврта најниско задолжена земја во Европа

И покрај светската криза, Македонија и понатаму останува четврта најниско задолжена земја во Европа. Според анализите на Лидер.мк, според јавно достапните податоци, објавени на интернет – страницата на Министерството за финансии, вкупниот долг на Централната Влада изнесува 2,7 милијарди евра, со што Македонија се вбројува во оние земји кои во време на криза успешно го одржаа нивото на задолженост. 

И од Светска банка, кога го презентираа редовниот извештај за земјите од ЈИЕ, потенцираа дека со висината на долгот се уште сме во безбедната зона, но им порачаа на властите да се придржуваат до зацртаната фискална стратегија, пренесува Лидер.

Од бизнис-секторот предупредуваат дека кризата се уште не е стопроцентно завршена и оти може повторно да се појават надворешни шокови, па затоа треба да се внимава на висината на долгот.

- “Сегашниот долг кој се движи меѓу 34 и 35 проценти од БДП се уште е прифатлив за Македонија. Со долг до 40 проценти ние влегуваме во мастришките критериуми на јавниот долг, но сепак, ние сме мала економија и треба да внимаваме. 40 проценти јавен долг за поголема и поразвиена земја од нас не претставува проблем, но за нас може да биде проблем. Затоа треба да се има тенденција за намалување на јавниот долг, како што е и предвидено во фискалната стратегија, за скалесто намалување на буџетскиот дефицит„ – вели за Лидер извршниот директор на Сојузот на стопански комори, Митко Алексов.

Анализирано по години, најголем долг сме имале во 2001-та, во време на воениот конфликт. Во последната година од владеењето на СДСМ, долгот  изнесувал 38,4 % од БДП, за 4 % повисок од сегашното ниво. По доаѓањето на власт, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, предвремено се раздолжи кон ММФ, СБ и Парискиот клуб, што и даде одврзани раце во креирањето на економските политики, но и доволен простор за интервенција кога светот го потресе најголемата економска криза во последните 80 години, анализира Лидер.

11.02.2014 - 12:22
Фото: 
Лидер.мк

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа